Општина Кочани ги прошири мерките и го зголеми опфатот на корисници од Програмата за остварување на социјална, детска и здравствена заштита за 2019 година.
Од почетокот на оваа година, со социјален пакет за новороденче Општината ги поддржува не само корисниците на социјална помош и невработените, туку и семејствата со ниски примања.
– Овде спаѓаат материјално необезбедените лица, кои според Законот за социјална заштита се лица кои немаат приходи или чии приходи по сите основи по член на семејство се помали од пет илјади денари. Помошта за новороденче изнесува 3.500 денари и се состои од средства за хигиена, пелени и други потребни средства за нега. Овој пакет може да го добие секое новородено дете во социјално или материјално необезбедено семејство, информираа од стручната служба на Одделението за јавни дејности во Кочани.
Годинава продолжува и помошта за болничко лекување за социјално загрозените и граѓаните со ниски примања. Тоа се однесува на пациенти кои престојувале на лекување во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани, а кои спаѓаат во категоријата на осигурени лица чиј месечен нето приход во семејството е помал од 60 отсто од просечната нето плата во државата за претходната година.
За овие две мерки во Програмата за социјална, детска и здравствена заштита на Општина Кочани се предвидени 350 илјади денари, од кои 200 илјади се за пакети за новороденчиња.