Општина Кочани издвои 2 милиони денари почетна помош за оштетените граѓани од пожарот

од Nikola Popovski
382 прегледи

Со едногласна одлука, Советот на Општина Кочани издвои два милиона денари како почетна помош за граѓаните чии објекти и друг имот се оштетени од пожарот што го зафати Кочани на 2 август. На денешната вонредна седница беше формирана и Комисија за проценка на штетите од елементарната непогода, соопштија од општината.

– Со оглед на итноста на одлуката, ги зголемуваме средствата определени со програмата на Советот за постојани резерви, при што се прави привремено намалување во делот наменет за уредување на градежното земјиште. Се работи за првично надоместување на штетите што ќе ги утврди Комисијата за проценка, а ќе се бара дополнителна финансиска помош од државниот буџет – образложи Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Од пожарот во западниот дел на Кочани настрадаа куќи и помошни објекти во Белското Маало, како и штали со крупен добиток и живина.

– Штетите се материјални, тоа се средства кои се надоместуваат, најважно е дека нема повредени. Оваа непогода е доказ дека кога се разбираме и кога сме солидарни, надминувањето на проблемите е возможно – истакна градоначалникот Николчо Илијев.

Слични содржини