Сопствениците на угостителски објекти во Охрид бараат свикување итна седница на Советот на Општината на која би се дискутирало за акцијата на уривање на дивоградбите односно да се разгледа пролонгирање на рушењето барем до крајот на туристичката сезона. Тие сакаат да се слушнат ставовите на сите засегнати страни , да се изнајдат решенија за усогласувања на објектите долж охридското езеро согласно препораките на Унеско и да се знае конечната визија за тоа како би требало да биде уредено крајбрежјето во интерес на градот.
Наша обврска и должност е да ги почитуваме законите и да ги отстраниме неправилностите. Годините наназад крајбрежјето на Охридското Езеро беше узурпирано од нелегални градби надвор од сите договори за концесија и законски прописи. Тоа мора да запре. Ставаме крај на самовилието и девастирањето на светското природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО“, објавија денес на Фејсбук, градоначалникот Константин Георгиески, со што најави дека рушењето ќе продолжи.
Тоа е епилогот од денеска одржаниот координативен состанок на двете советнички групи во Советот на општината и градоначалникот по барањето за свикување и одржување на итна седница на Советот.
На состанокот детално било разгледано барањето на здружението и сите предложени точки за расправа, по што од страна на двете советнички групи е донесен заеднички заклучок дека не постои правна и законска претпоставка за свикување и одржување итна седница врз основа на вакво барање, ниту пак Советот може да донесе одлука во врска со предложените точки.