![]()
Штип викендов успешно се претстави на манифестацијата „Штип и Париз на фреквенцијата на уметноста“ што се оддржа во главниот град на Франција, со поддршка на Министерството за култура.
На денешната прес-конференција Драган Ристов истакна дека општина Штип се претстави со изложба на цртежи „Сенки“ на новинарот и аматерски сликар Драган Ристов, со 50-минутен концерт на професорот по пијано Ангеле Михајловски од Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и со новите книги кои се во издание на Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“-Штип.
– Достојно го претставивме градот и беше чест и задоволство да се зборува за Штип пред бројните присутни во македонската амбасада во Париз. Имаше и Французи, пријатели на Македонија, наши иселеници и љубители на класичата музика и на ликовната уметност. Меѓу публиката беше и познатиот балкански уметник Омер Калеши, кој инаку е роден во Кичево, а од 50-тите години живее во Париз. Тој исто така ќе има изложба во галеријата на нашата амбасада, рече Ристов. Додаде дека ја искористил шансата да ги промовира и книгите „903“ и „Штип во американскиот печат“.
Сашо Неделковски од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип истакна дека во македонската амбасада во Париз биле претставени и книжевните изданија на штипската библиотека.
– Пред присутните беа претставени книги издадени во периодот од 2014 до 2016 година и од почетокот на 2017 година. Голем интерес имаше за книгите и ние ги оставивме дел во амбасадата, а секако беа поделени и меѓу присутните. Одлично се претставивме и постои желба идната година пак да гостуваме, со проширена културно-уметничка програма бидејќи овие настани се важни и за нашите иселеници, но и за промоција на Штип, рече Неделковски.
Неговиот колега Зоран Мијалков истакна дека уметничките перформанси привлекле различна публика.
– Имавме и претставници од општината во Париз, исто така и поранешни соработници на амбасадата кои искажаа почит и благодарност за настанот, а имавме и претставници од нашата црква во Париз, „Свети Кирил и Методиј“ кои не поддржаа и укажаа дека Штип е град со богата култура и историја и дека добро е што имале шанса да видат дел од тоа богатство, но и да слушнат како се развиваме, и економски, но и во поглед на културата и уметноста, рече Мијалков.
На манифестацијата претставниците од општина Штип ги промивирале и економските потенцијали на Штип, успешните фирми, штипските винарии и конфекции, индустриските зони, а голем интерес имало и за Универзитетот „Гоце Делчев“од Штип.