Советот на општина Сопиште на предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука со која бара од донаторот на спомен обележјето Андон Ќосето да се согласи да го отстапи на општина Сопиште и да биде поставен на територијата на општина Сопиште.

Предлог-локацијата е да биде на самиот влез кај големиот Кружен тек на патот за Сончев град. Општината нема дополнително финансиски да биде оптоварена поради оваа одлука затоа што спомен обележјето е веќе изработено, а за изработка на постаментот ќе бидат побарани донатори кои ќе имаат волја да помогнат, вели Јане Мицевски, претседател на Советот на Општина Сопиште.
„Споменикот на Андон Ќосето нема да дозволиме да биде стопен. Тој гордо ќе биде поставен во општина Сопиште, а граѓаните на општина Сопиште ќе имаат спомен обележје од овој значаен историски лик. Ние како општина покажуваме, за разлика од други дека приоритет даваме на изградбата а не на уривањето“, рече Мицевски и додаде дека иницијативата е од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Советниците од СДСМ гласаа против бидејќи општината била во долгови и стравуваат , како што велат , од можни меѓуетнички тензии кои може да ги предизвика поставувањето на Ќосето во мултиетничка општина.