Инспекциските контроли за надминување на бучавата во Општина Центар се одвиваат во континуитет во цел месец јули, објави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Според него, општинските овластени инспектори, по извршените мерења изминатите два викенди, им издадоа решенија за преземање на мерки на „Инста Кафе“ во Дебар Маало и „Каса Кубана“ на Кеј 13-ти Ноември.
-Угостителите имаат законски рок од 8 дена да постапат по решенијата. Апелирам до сите угостители да се придржуваат до постоечките правилници за гласност во населени места и да не им пречат на жителите кои живеат во околните згради, во спротивно, ќе им бидат изречени поригорозни санкции, во согласност со Законот за заштита од бучава во животна средина, порача Богдановиќ.
Усна опомена за почитување на граничните вредности за бучава добија локалите „Папилон“, „Локал 45“ и „Харт бар“.
Пред неколку дена беше објавено дека уште два локали, Гнездо и Интермецо, добија Решенија за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина.