Општините без кадар за проекти – Ќе се формира нов фонд за техничка документација

од Даниел Ѓорѓиевски
24 прегледи

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја истакна важноста на договорите за финансирање на техничка документација за приоритетни инфраструктурни проекти во рамките на Вториот повик на Фондот за техничка документација. Според Перински, ова е клучен чекор во зајакнувањето на капацитетите на општините и нивната способност да подготвуваат квалитетни развојни проекти, со што ќе можат полесно да аплицираат за домашни и странски фондови.

„Во изминатиот период, увидовме дека многу општини – особено помалите – имаат ограничени ресурси и неподготвена документација за аплицирање за инфраструктурни проекти. Токму затоа, Фондот за техничка документација е неопходен и неговата улога треба да се зајакне со дополнителни задачи“, истакна Перински.

Тој нагласи дека продолжувањето на ваквите иницијативи ќе овозможи подобра соработка помеѓу општините и централната власт, како и зголемена апсорпција на фондови достапни за локалните самоуправи.

На настанот зборуваа и постојаниот претставник на Обединетите нации, Армен Григорјан, амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин, и директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, кои ја потврдија поддршката за иницијативата и нејзиното значење за локалниот развој.

Слични содржини