Општините од 2022 година ќе добиваат повеќе пари од ДДВ и персонален данок

од Берта Китинска

Министерот за финасии Фатмир  Бесими, смета дека со предлог-законот за финансирање на општините ќе се подобри фискалниот капацитет и ќе се зголемат приходите на општините преку постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход.

Бесими образложи дека во овој закон предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход од 3 на 6 отсто до 2024 година, односно процентот за 2022 година ќе изнесува 4 отсто, за  2023 година 5 отсто и за 2024 година 6 отсто. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште. Дополнително, во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, во Законот се предлагаат и измени за постепено зголемување на стапката на дотација од ДДВ од 4,5 на 6 отсто.

-Со ова се овозможува обезбедување приходи од ДДВ во висина од 6 отсто од наплатениот ДДВ остварен претходната фискална година започнувајќи од 2024 година. Исто така, и тука е предвидено порастот да биде постепен така што во 2022 година ќе изнесува 5 отсто, а во 2023 година 5,5 отсто, рече Бесими.

Тој информира дека новина во Законот е покрај Основниот фонд, ќе има Фонд за перформанси и Фонд за изедначување. Обезбедените средства ќе се распределуваат во три фонда. Основен фонд  – 4,5 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен  претходната фискална година, Фонд за перформанси – 0,75 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година и Фонд за изедначување – 0,75 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година, започнувајќи од 2024 година.

-Локалните самоуправи ќе имаат на располагање три кредитни инструменти и ќе можат да користат еден од нив со цел надминување на проблемите со доспеаните, а ненаплатени обврски. Тоа се условен кредит (standby) што ќе се  користи од општините, а ќе се даде од Министерството за финансии, односно централната власт. Вториот инструмент е издавање општинска обврзница за познат купувач. Во овој случај општините ќе издваат свои обрзници, а познатиот купувач ќе биде Министерство за финансии и  структурна обврзница, што ќе ја издаде Министерството за финансии за општините, рече Бесими. Додаде дека овие инструменти ќе бидат со времетраење до 10 години, а ќе се склучи договор за реализација меѓу ресорното министерство и општините.

Бесими напомена дека приходите на општините од 2005 до 2019 година се зголемени номинално за шест пати, од 5,9 милијарди денари на 37 милијарди денари.

 

 

 

Слични содржини