„Ние ЗЕЛЕНИТЕ од 17 општински организации на ДОМ се дистанцираме од недемократските одлуки и постапки на раководството на ДОМ и претседателката Маја Морачанин. Со таа цел го свикавме овој прес да повикаме на ОСТАВКА од претседателката Маја Морачанин како најодговорна за уништување на единствената зелена партија во Македонија“, соопштија од прес-конференција пред Жена парк во Скопје.
Споделија дека нивното дистанцирање е поради, според нив, недемократските, нестатутарните и нечовечките постапки на Марочанин и елитистичкото друштво кое ја киднапираше зелената партија.
„Тоа друштво повеќе не ги застапува зелените вредности и зелените политики. Тоа друштво одработува за нечии интереси и се труди ДОМ како зелена партија целосно да ја уништи.
Маја Морачанин со актуелното раководство се само лица поединци без поддршка од општинските организации на партијата. Истите се интересираат само да приграбаат нови позиции, жестоко се пресметуваат со секој неистомисленик го отстранат, разрешат или игнорираат.
Започнаа со игнорирање на иницијативата за демократизирање на партијата зад која застанаа мнозинството членови на Централниот Одбор и 2/3 од Општинските организации. Потоа нестатутарно со фантомски гласачи ги разрешија од потпретседателска функција Ана Петровска и Мирослав Богдановски, лица кои кои се признати борци против загадувачите, за потоа да излобираат и разрешување на Ана Петровска од Директорската позиција во Инспекторатот за животна средина. И не останаа само на тоа преминаа кон делење на откази кон лица кои не се согласуваат со нивните нестатутарни и недемократски дејства.
На улица оставаат лица со врвни резултати во нивното професионално работење, вршат мобинзи и притисоци, делат откази на лица кои што се поддржувачи на иницијативата за демократизирање на партијата.
Згора на се формираа коалиција МАГЛА со која сакаат да ја добијат поддршката од граѓаните на престојните локални избори.
Почитувани. Од Маја Морачанин бараме ОСТАВКА. Напушти ја Маја зелената партија. Не ја уништувај единствената зелена партија.
Судејќи според реакциите од разрешувањето на Ана Петровска се гледа дека на демократската јавноста и е кристално јасно дека се работи за лажни демократи и лажни зелени.
Барањето за оставка доаѓа од 17 општински организации на ДОМ:
Битола, Велес, Лозово, Кисела Вода, Гази Баба, Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Делчево, Берово, Радовиш, Аеродром, Пробиштип, Дојран, Ѓорче Петров.
Сите ние издвоено продолжуваме со дејствување на планот на заштита на животната средина и демократизирање на општеството“, соопштија на пресот незадоволните членови.