Оптимизам и шпекулации околу уставните измени: „Ако дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, Уставот веќе ќе биде променет“

од Nikola Popovski
393 прегледи

Продолжуваат полемиките и шпекулациите околу тоа кој како ќе гласа за уставните измени и дали ќе се дојде до потребните 80 пратеници за внесување на бугарското малцинство во Преамбулата, што ќе значи отворање на втората фаза од преговорите од ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ вчера истакна дека 10 пратеници од владиното мнозинство нема да гласаат, додека лидерот на Алтернатива, Африм Гаши ги услови уставните измени со амандман да не застаруваат кривичните дела на функционери. Меѓу другото, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски е дециден дека нема прифати промени на Уставот, иако од Владата порачуваат дека ова е значајно за државата и не треба да биде условувано од партиите.

Дел од јавноста смета дека обвинувањата од опозицијата се шпекулации. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во разговор за „Локално“ вели дека ако не постојат 10 пратеници од владината коалиција кои не би гласале за уставните измени, тогаш најголемата опозициска партија излажала.

Алберт Муслиу

-Сето ова се шпекулации над шпекулации. Тој што ќе излезе дека е во право, другите можат да излажат. И мнозинството вели дека ќе има 81 пратениик. Можеби им се тоа стратегии како да ги обесхрабрат тие кои би сакале да гласаат за промените, вели Муслиу.

Според него, Гаши не ги условува уставните измени.

-Тој кажа дека би било добро тоа да се направи и не гледам дека е лошо. Ако тоа не го прифатат, тој ќе има други политички аргументи, но не верувам дека нема да гласа за уставните промени и не го кажа тоа отсечно. И јас сум за да нема ослободување на службени лица кои злоупотребуваат службена должност. Мислам дека тоа не е условување или има врска со некаква попусливост. Во крајна линија Алтернатива беше дел од власта, но поради приклучувањето на Алијанса, останаа надвор. Ова е прашање од интерес. Сум за тоа и сметам дека Гаши не го постави како услов, рече аналитичарот.

Муслиу смета дека нема колективно членство во Парламентот и сите се индивидуални.

-Ако сите заедно мислат, нема да има уставни измени. За мене, најдобра варијанта е сите да гласаат и јас верувам дека во Парламентот сите се продолжување на евроинтеграциските односи, освен Левица. Ако не ги поддржат за прашање кое претходно сите го дефинирале како прифатливо, тогаш треба да ги рефлектираат и да видат кои им се своите приоритети. Сепак ова е дел од процесот за пристапување кон ЕУ, -сакаш нејќеш тоа е, оценува соговорникот.

За поранешната пратеничка, Никица Корубин главното прашање е зошто се остави и остава простор за претворање на обврската на државата од преговарачката рамка на ЕУ, како што е промената на Уставот, во популистичко и квази-националистичко прашање, при што се девалвира и релативизира ЕУ интегративниот процес, а попатно се држат затегнати односите со Бугарија.

Никица Корубин

-Јас очекував, отварањето на Уставот да започне лани, кратко после усвојувањето на преговарачката рамка, а ние ќе славиме годишнина, со видливо одржување на неповолна статус-кво ситуација за нас. За да има драма, мора да има поволна почва за тоа, и главното прашање е, кој се’ ја создава таа поволна почва?, прашува Корубин во разговор за „Локално“.

Според неа, сите албански партии, вклучително и Алтернатива имаат јасен став во однос на почитувањето на меѓународните договори и обврски на Северна Македонија и евроинтеграциите.

-Ова воопшто не го гледам како некакво условување од Алтернатива, туку повеќе провокација со барање за изјаснување кон доскорешниот владин партнер, колку се вистински и суштински за рефорни и борба против корупцијата. На крајот на краиштата, непринципиелниот и некоректен однос кон Алтернатива им ја „дава слободата“ да бидат гласни. Тие процеси требаа порано да се предвидат, вели Корубин.

На прашањето дали попустливоста на СДСМ, доведе до ваква ситуација, без разлика дали барањата се легитимни или не, соговорничката вели дека станува збор за начин на менаџирање на проблемите и тука доаѓаме до одговорот: дека државата е претворена во желботека на партиите.

-Токму така, партиската логика или можеби изборната логика, ги тера сите партии, без исклучок во вакви клучни моменти да се однесуваат така како што се однесуваат, зависно од „комотноста“ на својата позиција, дали се власт па имаат поголема одговорност и пред меѓународните партнери или се опозиција, па може да калкулираат. Се плашам дека сите одлуки ги одмеруваат според партиско/партократски параметри: додека ние броиме денови до отварањето на поглавијата, тие бројат потенцијални гласови, посочува Корубин.

Според неа, нас ни е загрозена иднината во ЕУ, на дневна основа со вакво разбирање на политиката и со проблематизирање на секоја обврска, како што се случува во моментот меѓу власта и опозицијата.

-Со тоа што, не треба да заборавиме, дека кај нас, македонските партии, по правило се „големи патриоти“ кога се во опозиција и токму затоа, пред извесно време напишав дека СДСМ и нејзините коалициони партнери треба јасно да кажат и да стават до знаење и сега кога се на власт, дека за нив промената на Уставот е обврска која не зависи од тоа дали се опозиција или власт. Па, да се потсетиме само на опозициониот став во однос на промената на името  од пред десетина години. Сепак, мислам дека ВМРО би се однесувала по ова прашање поинаку од позиција на власт, за другите прашања не сум сигурна. Но, до „власта“, Уставот веќе ќе биде променет. За доброто на сите нас, очекува поранешната пратеничка.

Н.П.

Слични содржини