Орална вакцина: Се испитува инхалација на лекот против короната

од Stefanija Kuzmanovska

Британски научници ќе тестираат две водечки вакцини против коронавирус врз пациенти за да проверат дали имаат подобар ефект при вдишување, наместо да се даваат со инјекција.

Вакцините кои ќе бидат вклучени во тестовите ќе бидат оние од Кралскиот колеџ во Лондон и вакцината која се развива на Универзитетот во Оксфорд, пишува РТС.

Учесниците на студијата ќе бидат вакцинирани така што ќе ги вдишуваат преку уста.

„Се надеваме дека со директно насочување кон клетките во дишните патишта – вообичаено место на инфекција за респираторни вируси – ќе предизвикаме подобар имунолошки одговор на организмот против вирусот Сарс-ков-2“, се вели во соопштението на Британскиот совет за медицински истражувања.

Д-р Крис Чиу, од Одделот за инфективни болести на Кралскиот колеџ, го води истражувањето.

Вели дека постојат докази дека вакцините против грип во форма на спреј за нос ги штитат луѓето од инфекции и го спречуваат ширењето на болеста, а тој и неговите колеги сакаат да испитаат дали и коронавирусот може да се спречи на тој начин.

„Моменталната пандемија е предизвикана од респираторен вирус кој првенствено ги инфицира луѓето преку клетките на sидовите на носот, грлото и белите дробови. Овие површини се специјализирани за производство на различни имунолошки одговори, па затоа е клучно да се испита дали можеме да произведеме уште подобар ефект со директно насочување кон овие клетки“, објаснува Чиу.

Испитувањата првично ќе вклучат 30 учесници на возраст од 18 до 55 години. Истражувањето ќе започне неколку дена по продолжувањето на третата фаза од клиничките испитувања на вакцината од Оксфорд, кои беа прекинати поради несаканите ефекти кај учесник.

 

Слични содржини