– Многу луѓе ме прашуваат овие денови дали има план Б, доколку до 15 септември не се назначи специјален јавен обвинител. Не! План Б нема и на 15 септември мора да се избере специјален обвинител, изјави денеска шефот на делегацијата на мисијата на ЕУ во земјава, Аиво Орав.

Тој истакна дека изјавите што вчера ги дадоа премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата Зоран Заев, во врска со изборот за специјален обвинител се охрабрувачки.
– Остануваат уште неколку отворени прашања кои ако не во наредните неколку часа, тогаш во наредните неколку дена верувам дека ќе бидат надминати и ќе се постигне договор околу нив се со цел на 15 септември да се назначи јавен обвинител и веќе од 16-ти тој да почне со работа, а се во интерес на грашаните на земјата – рече Орав.
Според него четирите партии во јуни и јули успеаа да постигнат договор кое беше извонредно постигнување, но сега се во фаза што е многу потешка, а тоа е имплементација на договореното.
Опозицијата се врати во Парламентот, што беше еден од елементите на договорто, а сега останува и другото големо прашање, а тоа е на 15 септември да се назначи специјален јавен обвинител./МЕТА