Орбан доаѓа во Македонија во дводневна посета

од Nikola Popovski
165 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пристигнува во дводневна официјална посета на Македонија. Заедно со Орбан во Охрид, каде ќе се одржува главниот дел од средбите, пристигнуваат и министри од неговата влада.

Програмата на посетата на унгарската делегација на Северна Македонија опфаќа приватна средба меѓу Орбан и премиерот Христијан Мицкоски, како и серија билатерални средби меѓу министрите на двете влади и заедничка средба на претставниците на двете влади.

Во Охрид, Орбан ќе прошета низ градот, ќе ги посети манастирот „Св. Наум“, црквата Света Богородица Перивлепта, Античкиот театар , а двајцата премиери ќе положат и цвеќе на споменикот на Св. Кирил и Методиј во Охрид.

Посетата на Виктор Орбан на земјава е практично прва официјална посета на ниво на премиер на земјава по изборот на владата на Христијан Мицкоски.

Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачил тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.

Набргу по формирањето на Владата во Скопје во јуни, за време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договори земјава да земе кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра.

На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан и во Собранието.

Слични содржини