Орбан: ЕУ мора да се промени

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Европската унија мора да се промени, а унгарското претседателство со ЕУ има за цел да биде „глас и катализатор за промени“.

Во своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што ја презентираше унгарската програма, Орбан рече дека конкурентноста е најважниот елемент на промените, објави агенцијата МТИ.

Според него, работата на Унгарија е да укаже на проблемите и да изнесува предлози во интерес на мирот, безбедноста и просперитетот на ЕУ.

Во врска со проблемите со конкурентноста на ЕУ, Орбан рече дека економскиот раст на блокот во изминатите две децении постојано заостанува зад оној на Соединетите Американски Држави и Кина, и дека растот на продуктивноста е побавен од оној на нејзините конкуренти и дека нејзиниот удел во глобалната трговија се намали.

– Компаниите плаќаат два до три пати повеќе за струја отколку во САД, а цените на гасот се четири до пет пати повисоки – додаде тој.

Орбан потсети дека Унгарија првпат претседаваше со Советот на Европската унија во 2011 година и дека ситуацијата во блокот денес е „многу потешка и посериозна“ од таа година, мислејќи на војните во Украина и на Блискиот Исток.

Орбан рече дека блокот се соочува со одлуки кои ќе ја одредат неговата судбина.

Слични содржини