Унгарскиот премиер Виктор Орбан тврди дека Брисел го уценува да одобри 50 милијарди евра помош за Украина, на што евроскептичниот премиер жестоко се спротивставил. Минатиот викенд беше објавено дека во документ на неименуван функционер на Советот на ЕУ се споменати мерките насочени кон унгарската економија кои ќе бидат спроведени доколку Орбан не го одобри пакетот помош за Украина.
За пакетот помош ќе се разговара на самитот на водачите на ЕУ подоцна оваа недела. Во интервјуто објавено вчера за францускиот неделник „Ле Поинт“, Орбан истакнал дека планот е „како прирачник за уцена“ кој ќе ја стави Унгарија под „голема финансиска блокада“.
„Тогаш Унгарија би доживеала Армагедон“, рекол унгарскиот премиер, пренесува „Политико“. Тој изјавил дека „не се сомнева“ дека документот за кој пишува „Фајненшл тајмс“ е автентичен.
Финансискиот пакет бара едногласна согласност од сите членки
„Познавајќи го Брисел, тие се способни за тоа“, истакна тој. Орбан се вклучи во тензични преговори за извлекување отстапки од остатокот од блокот во замена за поддршка за пакетот помош за Украина. Тој беше единствениот европски лидер кој одби да го поддржи пакетот помош на самитот во декември.
Предложениот финансиски пакет ќе црпи пари од буџетот на Европската унија, што значи дека ќе бара едногласно одобрение од лидерите на ЕУ, вклучително и Унгарија. Оттогаш Унгарија понуди да го подели финансирањето на годишни транши, што ефективно ќе ѝ даде можност на Будимпешта да го блокира испраќањето на помошта за Украина секоја година.
Тактиката на Орбан на „тешка рака“ ги иритира бриселските власти, кои можеби размислуваат да му го одземат правото на глас на унгарскиот лидер. И покрај тоа, унгарскиот лидер не се откажува. „Ништо не се промени“ во позицијата на Унгарија на оваа тема, нагласи Орбан, кој е се поизолиран меѓу лидерите на ЕУ поради неговото противење за поддршката за Украина.
„Унгарија како суверена држава се противи на оваа промена на буџетот. Тие се обидуваат да не убедат, потоа вршат притисок и уценување, за да не принудат да им се придружиме. Многу е тешко да се биде сам во ова семејство“, заклучи тој.