Европската унија прво треба да потпише договор за стратешко партнерство со Украина, наместо да започне преговори за членство со земјата, изјави во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан, посочувајќи го патот до можен компромис пред клучниот самит на ЕУ.
Сите 27 национални лидери на ЕУ треба да одлучат во средината на декември дали да ја прифатат препораката на Европската комисија да го покани Киев да ги започне преговорите за членство веднаш штом ќе ги исполни последните услови, иако се бори да ja одбие руската инвазија.
Секоја таква одлука бара едногласност на 27-те членки на блокот, а Унгарија се смета за главна потенцијална пречка. Унгарскиот премиер во неколку наврати изјави дека Унгарија нема да го поддржи предлогот на Комисијата во сегашната форма.
Орбан во петокот повтори дека ќе треба да се разјаснат неколку прашања пред да започнат преговорите за членство со Украина, велејќи дека е невозможно да се процени какви последици ќе има членството на Украина врз блокот.
„Ако не знаеме (какви последици би имало) тогаш не треба да започнуваме разговори. Затоа ќе се залагам за ставот дека ЕУ прво треба да потпише договор за стратешко партнерство со Украина“, изјави Орбан во интервју на државното радио.
„Овој (договор) би можел да трае до пет до десет години, ајде да ги приближиме, бидејќи јазот сега е преголем. Да дадеме време да работиме заедно, а кога ќе видиме дека можеме да работиме заедно, тогаш да го поставиме прашањето за членство“, рече тој.