Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска го поддржа реизборот на американскиот претседател Доналд Трамп, поздравувајќи го како добар за Централна Европа.
Двајцата лидери жестоко промовираат блиски односи, потсетува АФП.
Трамп, кој го дели антиимигрантското расположение на Орбан, го пречека во Белата куќа минатата година и го пофали и покрај критиките за ерозијата на демократијата во неговата земја од страна на ЕУ.
Орбан, кој е на власт од 2010 година, рече дека Трамп му се јавил во четвртокот за да разговара за изборите во САД во ноември и за справување со новата пандемија на коронавирус.
„Претседателот на Соединетите држави има особено блиски односи, речиси може да се каже пријателски односи со сите водачи на Централна Европа“, рече Орбан во неделното интервју за јавното радио.
„Затоа ние, или барем јас лично го поддржувам, да победи на изборите“, рече тој.
Во 2016 година, Орбан беше првиот европски премиер кој го поддржа Трамп, нарекувајќи го „подобра опција“ за Европската унија од тогашната ривалка Хилари Клинтон.
Оттогаш, иако често го поддржуваше Трамп, Орбан воспостави блиски врски и со Москва и со Пекинг, што е дел од, како што рече, „прагматичната“ надворешна политика.
Орбан честопати му пркоси на Брисел, поради меѓународните критики на владините ограничувања на медиумите, академските и другите слободи и неговиот цврст став кон бегалците.
Унгарија ги затвори своите граници за странците овој месец, повикувајќи се на страв од вирусот, додека ги исклучи Чешка, Полска и Словачка, земјите од Вишеградската четворка.
ЕУ ја предупреди Будимпешта дека дискриминацијата меѓу земјите-членки ги крши правилата, што ја регулират Шенген зоната на ЕУ.