Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Унгарија ќе се обрати до Кина за вакцина против коронавирусот откако западните добавувачи и ЕУ не ги исполниле нивните потреби.
Орбан за „Радио Косут“ изјавил дека не е задоволен од темпото на централизирана набавка на вакцината во Брисел и дека Унгарија сака да го разбие ефективниот монопол на „Фајзер“ на пазарот на ЕУ.
– Идеално би било да можете да изберете дали сакате да се вакцинирате со вакцина од Запад или од Кина – рече Орбан.
Тој потсети дека некои западни земји надвор од ЕУ имаа ран пристап до вакцини на други компании како што се „Фајзер“, „Модерна“ и „АстраЗенека“.
– Постојат производители чии производи претходно беа достапни во Канада, Велика Британија и Израел, но не во ЕУ. Но, тоа е работа на Брисел, тие треба да се справат со тоа – рече Орбан.
Тој изјави дека Унгарија добила доволно дози за имунизација на само 35.000 лица од речиси 10 милиони жители, додека државата има капацитет да вакцинира неколку милиони луѓе.
ЕУ досега нарача 300 милиони дози на „Фајзер“, што е доволно за да се имунизира околу една третина од 450 милиони жители на блокот. Брисел претходно ја одби понудата од 500 милиони дози од компаниите „Фајзер“ и „Бајонтек“.
Британија, која ја напушти ЕУ пред 11 месеци, вакцинираше скоро милион луѓе со вакцината „Фајзер“, а вакцинирањето со поевтината и полесна за чување вакцина од Универзитетот во Оксфорд и компанијата „АстраЗенека“ започнува утре.
Орбан рече дека неговата влада сега се врти кон Кина, чија вакцина „Синовац“ е во третата фаза на клинички испитувања, што е ниво што Светската здравствена организација го смета за доволно за одобрување на масовната вакцинација со вакцината „Фајзер“.
– Сега бараме контакти на исток, бидејќи Брисел не го стори тоа. Подобро е да се стои на две нозе – рече Орбан.