Орбан ја обвини Украина за мешање во изборите во Унгарија

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, изјави дека Будимпешта ќе го повика украинскиот амбасадор на разговори поради, како што тврди, мешање на Украина во унгарските парламентарни избори, закажани за 12 април.

од desk4
13 прегледи Фото: Фејсбук/Виктор Орбан

Орбан денеска изјави дека украински политички лидери, меѓу кои и претседателот Володимир Зеленски, минатата недела упатиле „навреди и закани“ кон Унгарија. Во објава на социјалната мрежа Икс, унгарскиот премиер наведе дека безбедносните служби заклучиле оти станува збор за координиран обид за влијание врз изборниот процес.

Тој додаде дека побарал од министерот за надворешни работи Петер Сијарто да го повика украинскиот амбасадор на итни консултации.

Зеленски со остри пораки кон Европа

Претходно, претседателот на Украина остро ги критикуваше европските лидери, оценувајќи ја Европа како „фрагментиран калеидоскоп од мали и средни сили“ на кои, според него, им недостасува решителност. Тој предупреди дека Европа не смее да дозволи нејзините престолнини да станат „мала Москва“.

Говорејќи на Светски економски форум во Давос, Зеленски изјави дека „секој Виктор што живее од европски пари, а истовремено се обидува да ги продава европските интереси, заслужува шлаканица по шеширот“. Орбан оваа изјава ја протолкува како директна порака и притисок врз Унгарија во пресрет на изборите.

Засега, украинските власти не се огласија по обвинувањата на унгарскиот премиер. Случајот дополнително ги заострува односите меѓу Будимпешта и Киев, кои и претходно беа обележани со политички и дипломатски тензии.