Унгарскиот премиер Виктор Орбан е познат по тоа што е еден од ретките европски функционери кои имаат симпатии кон рускиот претседател Владимир Путин и Русија, што можеше да се види кога Орбан неодамна отпатува во Москва веднаш откако неговата земја го презеде претседавањето со Советот на Европа.
„ПОЛИТИКО“ доби писмо испратено од унгарскиот премиер до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и другите членови, во кое тој изразува ставови, кои изданието на хумористичен начин наведува дека би можел да „аудитира за улогата на портпарол на Кремљ“, позиција која ја држи Дмитриј Песков. Во писмото потпишано од премиерот на Унгарија јасно се гледаат становите на Путин, а се наведува кои треба да бидат следните чекори на Европската унија.
Орбан му рекол на Мишел дека, според Путин, „времето не е на страната на Украина, туку на страната на руските сили“, без да даде никакви докази за ситуацијата на линијата на фронтот. Во писмото, кое датира од 5 јули и поделено на девет точки, не се споменува фактот дека токму Путин ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Орбан, кој негираше дека изразил „какво било мислење во име на Европскиот совет или Европската унија“ за време на неговата неодамнешна посета на Москва, во писмото напиша дека „руската страна ги проценува месечните загуби и загуби на украинските сили на 40 -50 илјади војници“, не притоа споменувајќи ги руските загуби во војната. Тој исто така изјави дека Москва е „подготвена да го разгледа секој предлог за прекин на огнот што не служи за прикриено преместување и реорганизација на украинските сили“, без да објасни што сакал Путин со тоа.
Во извештајот на Орбан за средбата, пишува Политико, се наведува дека тој му рекол на Путин дека „многумина тврдат дека е во интерес на Европа да се врати во период на економски раст заснован на траен мир што е можно поскоро а блокираните канали ја намалуваат шансата за мир.“ и дека нема директен дијалог меѓу страните кои играат водечка улога во создавањето услови за мир“.
Дипломатските односи меѓу Европската унија и нејзините членки во најголем дел се прекинати од Москва по серијата санкции кои беа воведени против Русија.
Писмото на Орбан, но и неговите патувања, ќе бидат тема на разговор меѓу амбасадорите на Европската унија на средбата што треба да се одржи денеска. „Ако извештајот е во ист тон како ова писмо, тоа ќе биде пријатен состанок“, рече саркастично еден од дипломатите за „Политико“, наведувајќи дека ништо од сите напори на Европскиот совет во изминатите 2,5 години не се рефлектираат во тоа писмо.
Орбан во осмата точка напиша дека верува оти прекин на огнот и мировни преговори се сè уште можни, но додаде дека „во следните два месеци ќе видиме подраматични загуби и воени случувања на фронтот од кога било досега“, доколку војната не заврши. Тој потоа тврди дека Европа треба да преземе одговорност за напорите за враќање на мирот во Украина, имајќи предвид дека САД се „сè повеќе расеани“ како што се приближуваат претседателските избори во ноември.
„Политичкото раководство на Соединетите држави е ограничено поради тековната изборна кампања“, напиша Орбан и продолжи: „Затоа, не можеме да очекуваме таков предлог од Соединетите држави во наредните месеци. Треба да размислиме – во духот на Европска стратешка автономија – започнување европски иницијативи“.