Унгарскиот премиер Виктор Орбан, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека неговата земја ги следи настаните на Косово и гледа што се прави со Србите, но му порача на Вучиќ да размисли Србија да ги ослободи тројцата уапсени косовски полицајци.
„Гледаме што им се прави на Србите. Сметам дека е неприфатливо меѓународната заедница да прифати избори со излезност од околу четири проценти како легални. Ние Унгарците го гледаме тоа и разбираме“, изјави денеска тој.
Орбан зборуваше и за случајот со косовските полицајци кои беа уапсени од српски полицајци.
„Со почит ве замолувам, господине претседателе, внимателно да размислите за тоа. Непријателите на Србија едвај чекаат да и наштетат на Србија. Таква е ситуацијата. Тоа е работа во која би било добро да ја слушнете препораката на Унгарија да ги вратите тие тројца Албанци на Косово“, рече Орбан.
Како што рече, тој верува дека тоа ќе и помогне на Србија да „ја унапреди сопствената кауза“.
„Затоа ве замолувам да размислите“, му рекол Орбан на Вучиќ.