Унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа соопшти дека ставил вето на заедничката изјава на ЕУ за Украина бидејќи „не може да поддржи заеднички став пред Унгарците да се изјаснат за членството на Украина во ЕУ“.
„Нема да се согласиме со формирање на заедничка европска позиција ако тоа е провоен став“, рекол Орбан на маргините на самитот на ЕУ во Брисел.
Како што јави „МТИ“, Орбан нагласил дека ова не е „прва борба од ваков вид што ја води Унгарија“.
„Унгарските семејства изгубија околу 2,5 милиони форинти по домаќинство (околу 6,2 милиони евра) како резултат на војната во последните три години и морам да го прекинам тоа. Не можеме да дозволиме унгарските семејства да ја платат економската цена на војната“, вели Орбан.
Тој додал дека единствениот начин да се постигне ова е ако Европа биде „убедена“ да ги „поддржи мировните напори“ на американскиот претседател Доналд Трамп наместо да учествува во војната. Нагласил дека во дебатата што му претходеше на денешното гласање за усвојување на заедничката изјава учествувал и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Не би рекол дека се однесуваше пријателски. Украинскиот претседател е збунет околу својата улога, се однесува како (Украина) да е членка на ЕУ и си дозволува груб тон што не би смеел“, истаканл Орбан.
Тој посочил дека луѓето во Унгарија се прашуваат што мислат за пристапувањето на Украина во ЕУ.
„Нема смисла притисокот на Зеленски. Пред да знаеме какво е мислењето на Унгарците, не можам да го поддржам во ова“, дециден е Орбан.
Европскиот совет во Брисел повторно ги усвои заклучоците за непоколеблива поддршка за Украина, кои ги поддржаа 26 лидери, освен унгарскиот премиер Виктор Орбан.
На претходниот состанок на Европскиот совет, лидерите на ЕУ ги усвоија и заклучоците за Украина без Унгарија, откако Орбан не потпиша изјава за обезбедување воена и финансиска поддршка на Украина и зголемен притисок врз Русија.