Орбан ни нуди утешна награда, Мицкоски потврди дека членството во ЕУ останува стратешка цел

од Nikola Popovski
3,9K прегледи

Билатералните односи, како и меѓународната ситуација беа дел од темите на вчерашната билатерална средба меѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан.

Вчера и завчера во Будимпешта се одржа заеднички состанок на владите на двете земји, како и билатерални средби на министрите од Унгарија и Македонија. Во владината делегација предводена од премиерот Мицкоски, беа 10 министри и двајца заменици министри.

На заедничката прес-конференција по средбата и средбата со Мицкоски, Орбан истакна дека посетата на владината делегација од Македонија се случува во важен момент, кога Европа веќе три години живее „во сенка на војната“.

Орбан истакна дека Унгарија ги поздравува преговорите меѓу САД и Русија и дека Унгарците имаат големи надежи за крај на војната.

-Ние се бориме со земјите од ЕУ кои се наши пријатели и сојузници, но тие одлучија Украина да ја продолжи војната. Според нас, продолжувањето на војната е лошо, опасно и грешка. За ова ќе разговараме во четврток во Брисел. Го поздравив фактот што во ОН се разговараше и за мировни решенија, а таму Македонија и Унгарија го изнесоа истото гледиште, го поддржавме американскиот предлог што беше усвоен од Советот за безбедност, рече Орбан, кој посочи дека Унгарија „никогаш нема да ги прифати диктатите на ЕУ“, за што мора да плати казни „во име на европското пријателство“.

-Можете да сметате на нашата поддршка во процесот за членство на Македонија во ЕУ, не само затоа што е срамно што овој процес оди бавно и одговорноста за тоа не е на Македонија, туку на нас како членки на ЕУ. Го поддржуваме вашето членство, ЕУ треба да биде поконкурентна во светот и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста освен продолжување на процесот на проширување. Секое проширување досега и донесе добро на ЕУ, додаде унгарскиот премиер.

Орбан најави и заедничка економска зона – Македонија, Унгарија и Србија со огромен економски потенцијал. Порача дека Унгарија ќе ја зајакне соработката со земјава, што не е замена за главната цел – членството на Македонија во Европската унија туку утешна награда за интеграција преку овој начин да обезбедиме изградба на заеднички регион, во кој ќе биде вклучена и Србија.

Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна била, е и ќе остане наша стратешка цел, истакна премиерот на прес-конференцијата во Будимпешта. Мицкоски констатира дека иако плативме огромна цена, сè уште тапкаме во место.

-Направивме многу, нешто коешто значеше штета на македонскиот идентитет, но мора да останеме оптимисти и во иднина да ја реализираме таа наша цел, иако сме свесни дека тука има и малку домашна вина, бидејќи нашите корумпирани домашни политичари, мислејќи дека Брисел ќе им ја заборави корупцијата и криминалот дома и уништувањето на државата со тоа што ќе потпишуваат и прифаќаат сè што ќе им биде ставено на маса влегуваа во таков занес и ја влошуваа преговарачката позиција. Оваа влада нема намера да прави компромиси со таков тип прашања, нагласи премиерот Мицкоски.

Во однос на билатералните односи, трговската размена меѓу двете земји постојано расте и од 2010 година досега е седум пати зголемена. Најавено е и потпишување на меѓувладина економска спогодба. Двајцата премиери разговарале и за миграцијата, а од страна на унгарскиот премиер биле поздравени напорите на Македонија за чување на границата.

Слични содржини