Орбан со честитки до Мицкоски и Силјановска, очекува заедничка соработка за пристапување на С. Македонија во ЕУ

од Nikola Popovski
671 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати честитки до ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска-Давкова за победата на двојните избори. Орбан додава дека се радува на идната соработка.

-Честитки до ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова за заслужената и историска победа на денешните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме заедно на давање нов импулс на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, објави унгарскиот премиер на социјалните мрежи.

Уште лани беше соопштено дека ВМРО-ДПМНЕ ќе разменува искуства со партијата Фидес на Орбан при изработка на програмата за изборите.

Откако беа обработени повеќе од 99 отсто од изборните материјали, убедливо најмногу мандати на парламентарните избори освои ВМРО-ДПМНЕ наМицкоски – 58 пратенички мандати.

Според првите нецелосни и неофицијални изборни резултати, Државната изборна комисија објави дека СДСМ освоила 19 мандати, Европскиот фронт 18, ВЛЕН 13 мандати, Левица 6, исто колку и движењето ЗНАМ.

Македонскиот парламент има 120 пратеници.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како историска ја оцени нивната убедлива победа на парламентарните избори и убедливата победа на Силјановска, велејќи дека, како што рече, ова е победа на целиот народ.

Слични содржини