Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјавил дека светот ќе доживее драстични промени штом новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја преземе власта во јануари.
Тој во интервју за „Радио Кошут“ порачал дека разговарал со „Американци, Руси, Европејци и Турци“ и дека е сигурен дека доаѓањето на Трамп на чело на САД ќе донесе промени во глобалните настани, пренесе агенцијата „МТИ“.
Орбан истакнал дека, иако „времето се уште е опасно“ и дека „владите во Германија и Франција пропаднаа“, мирот доаѓа.
Премиерот додал дека пресвртот ќе се случи брзо, „за ден-два по 20 јануари“, бидејќи новата американска администрација брзо ќе почне да прави промени, кои ќе ја погодат и Европа, особено во прашањата важни за Унгарија.
Орбан зборувал и за неговиот предлог за прекин на огнот во конфликтот меѓу Русија и Украина, истакнувајќи дека Унгарија како дел од својата иницијатива предложила барем на Божиќ никој да не се бори на фронтот.
-Едната страна го прифати предлогот, а другата изгледа дека го отфрла, но има уште неколку дена до Божиќ, па се надеваме дека ситуацијата може да се промени, изјави Орбан.
Тој посочил дека има обиди да се вовлече Унгарија во конфликтот со ширење „лажни вести“ за наводната посета на сирискиот претседател Башар ал Асад на Будимпешта.
Унгарскиот премиер рекол дека тоа е „најважната и најболна вест во неделата“, додавајќи дека таквите обиди да се доведе Унгарија во конфликт се опасни и може да доведат до „крвопролевање“, како што се случи за време на миграциските бранови и терористичките напади во 2015 година. .
„Некој сака Унгарија да биде мета“, рекол Орбан, нагласувајќи дека е важно да се истражи кој стои зад овој обид за манипулација и со која цел.