Унгарскиот премиер Виктор Орбан неодамна ги искажа своите ставови за иднината на Украина, нагласувајќи дека она што ќе остане од неа ќе биде тампон зона меѓу Русија и Западот.
Орбан нагласи дека Украина нема да стане членка на НАТО, а нејзиниот евентуален влез во Европската унија ќе зависи од Унгарија.
Орбан нагласи дека конфликтот во Украина во суштина е борба за контрола на територија од страна на НАТО. Тој посочи и дека на одлуката за влез на Украина во ЕУ ќе влијае Унгарија, која во овој момент не гледа свој интерес да го поддржи тој процес. Премиерот истакна дека Украина нема да стане членка на ЕУ без поддршката на Унгарија, со оглед на потенцијалните негативни економски последици за Унгарија, особено за земјоделците.
Изјавите на Орбан доаѓаат во време кога во ЕУ се води дебата за проширувањето, при што многу земји-членки, вклучително и Франција, имаат резервиран став кон членството на Украина. Унгарија јасно стави до знаење дека нема да поддржи никаков сериозен чекор на Украина кон НАТО и ЕУ додека не се реши прашањето за правата на унгарското малцинство во Закарпатскиот регион. Министерот за надворешни работи на Орбан, Петер Сијарто, истакна дека Унгарија бара конкретни гаранции дека правата на Унгарците во Украина ќе бидат почитувани пред да поддржи каков било напредок за членството на Украина во меѓународните сојузи.
За време на разговорот со поранешниот австриски канцелар Волфганг Шисел, Виктор Орбан истакна дека според него, идеалното сценарио за Украина би било статусот на тампон зона меѓу Русија и НАТО. Тој нагласи дека секоја друга опција води кон целосно губење на украинската државност.