Орбан: Унгарија се уште може да го запре процесот на пристапување на Украина во ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska
237 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Унгарија не ставила вето на вчерашната одлука на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Украина, туку дека ставила вето на финансиската помош од 50 милијарди евра за таа земја.

Орбан во интервју за унгарското државно радио рече дека се обидел да ги убеди другите лидери на ЕУ да не го ставаат на дневен ред прашањето за пристапните преговори на Украина, но дека било невозможно да ги убеди, пренесува агенцијата МТИ.

Според него, нивниот одлучувачки аргумент бил дека Унгарија нема да изгуби ништо, имајќи предвид дека последниот збор за членството на Украина го имаат националните парламенти, вклучително и унгарскиот.

Премиерот рече дека претстои долг процес пред прашањето да стигне до парламентите.

Одлуката за почеток на преговори со Украина ја оцени како лоша.

„Ова е лоша одлука, не требаше да одиме во оваа насока, совеста на Унгарија не е оптоварена со оваа лоша одлука, а процесот може да се запре на половина пат“, додаде Орбан, пренесува порталот indeks.hu.

Според него, се водела долга и тешка дискусија.

„Осум часа ги убедував да не го прават тоа. Ме замолија да не ги попречувам“, рекол унгарскиот премиер и изјавил дека не сакал да учествува во носењето на таа одлука, па наместо тоа си заминал кога се гласало.

Орбан рече дека Унгарија „нема да ги плати финансиските и економските трошоци“ за таа одлука, туку дека трошоците мора да ги сносат оние што ја донеле таа одлука.

Тој повтори дека не е во интерес на Унгарија Европската унија да зема заеми за финансирање помош за Украина.

Според неговото мислење, на Киев не треба да му се помага со оружје, туку треба да се прекине војната.

„Потребни се прекин на огнот и мировни преговори“, нагласи Орбан.

Тој изјави дека почетокот на преговорите за пристапување на Украина „само по себе нема да им наштети на интересите на Унгарија“, но финансирањето на Украина со заеми „веќе претставува непосредна штета на интересите“ на Унгарија.

Слични содржини