Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно ја користи Украина и Европската Унија како централна тема во својата предизборна кампања, во обид да ја зацврсти поддршката пред парламентарните избори закажани за април. Кампањата, која се темели на страв од војна и финансиска несигурност, прерасна во сериозен дипломатски судир меѓу Будимпешта и Киев, пренесе N1info.rs.
Според анализата на Дојче веле, сите домаќинства во Унгарија деновиве добиле писмо со т.н. „национална петиција“ на владата, во кое се изнесуваат тврдења дека Брисел планира Украина да ја прими во Европската Унија во наредните четири години и да ѝ исплати 800 милијарди долари. Во текстот се наведува дека тоа наводно би значело укинување пензии, зголемување даноци и поскапување на комуналните услуги во Унгарија, тврдења што се оценуваат како целосно неосновани.
На летокот, кој предизвика бурни реакции, се прикажани Володимир Зеленски, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и лидерот на пратеничката група на Европската народна партија Манфред Вебер, со пораката: „На Брисел му порачуваме: Нема да плаќаме!“.
Иако петицијата нема правна тежина, таа е дел од пошироката антиукраинска кампања на влада на Орбан, финансирана со јавни средства, која овојпат предизвика остар одговор од Киев. Украинското Министерство за надворешни работи официјално го повика унгарскиот амбасадор на консултации, по што Будимпешта возврати со иста мерка, обвинувајќи ја Украина за мешање во унгарската изборна кампања.
Тензиите дополнително се зголемија откако Зеленски, на Светскиот економски форум во Давос, остро го критикуваше Орбан, а украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја обвини унгарската влада дека дејствува како „помагач на Кремљ“. Во меѓувреме, расправиите продолжија и на социјалните мрежи меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и неговиот украински колега.
Политичката позадина на кампањата е јасна: Орбан и неговата партија Фидес се обидуваат да ја задржат доминацијата пред растечкиот рејтинг на опозицискиот лидер Петер Маѓар и партијата Тиса. По неуспешната антиукраинска кампања од 2025 година, која дел од јавноста ја оцени како премногу примитивна, Орбан сега настапува со поинаков наратив, мирот наспроти војната и „националната влада“ како единствена гаранција за безбедност.
Во своите последни настапи, Орбан оди и чекор подалеку, тврдејќи дека Украина треба повторно да стане „тампон-држава“ меѓу Русија и НАТО, изјава што предизвика силни реакции и критики поради игнорирање на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
Целата ситуација уште еднаш ја отвори дебатата за улогата на Унгарија во Европската Унија и за тоа дали политиката на Орбан ја оддалечува земјата од Брисел, додека истовремено ги продлабочува поделбите во регионот и односите со Украина.