Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Западна Европа „отворено се подготвува за војна со Русија“ и оцени дека седниците на Советот на ЕУ сè повеќе наликуваат на „воени совети“.
„Гледам што се случува на седниците на Советот на ЕУ и цврсто ви кажувам дека тие се подготвуваат за војна. Овие состаноци повеќе не се политички дискусии. Во последно време, ова се воени совети каде што земјите што се многу поголеми од нас – Германија, Франција и така натаму – дискутираат како да ги победат Русите, како да ги натераат да платат репарации, како да ги натераат да ги вратат парите што сега им ги даваме на Украинците. Вистински подготовки за војна се спроведуваат во Западна Европа“, рече Орбан, пренесе Спутник.
Тој изјави дека заканата од вовлекување на Унгарија во војна е „секојдневна опасност“, поради што, како што рече, првите две точки од секој план на унгарската влада за иднината се – да остане настрана во случај на војна и да не ѝ дава унгарски пари на Украина.
Орбан, исто така, изјави дека не сака да ги нарече односите меѓу Русија и Унгарија пријателски, туку коректни и избалансирани.
„Не сакам да го користам зборот пријателски, бидејќи тоа би звучело како провокација, но ние имаме коректни, избалансирани односи со Русија“, рече унгарскиот премиер.
Според него, Унгарија моментално има многу добри односи со Кина, Турција и земјите од Централна Азија. Орбан додаде дека Унгарија изградила добри односи со Чешка, Словачка и Србија, и покрај „долгата и сложена историја“ на заедничко живеење во соседството.