Орце бара извинување од Левица: Тендерот за зимско одржување на улиците е потпишан од Арсовска

„Ви давам рок од 24 часа да се извините за пласираната невистина“, порача скопскиот градоначалник

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук профил на Данела Арсовска

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски реагираше на денешните обвинувања од Левица за доделен тендер од еден милион евра на бизнисмен кој, како што велат од партијата, претходно ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше дека е градежна мафија и го бетонизира Влае. Ѓорѓиевски ѝ порача на Левица дека „пак удриле статива, ама дури ни противничката не ја погодиле, туку својата“. Бара извинување од таборот на Димитар Апасиев.

„Тендерот за којшто манипулирате во јавноста е потпишан од поранешната градоначалничка Данела Арсовска, истата таа која ги бодреше и штитеше вашите директори на претпријатија! Станува збор за постапка што е наследена и развојна.

Тоа сигурно добро го знаете бидејќи тој период, токму вие бевте тие кои имаа исклучителна блискост со нејзината администрација, ги полневте управните одбори, добивавте работни позиции и договори на дело во институциите на Град Скопје. Истите тие институции кои, да потсетиме, беа оставени во финансиска дупка од околу 300 милиони евра, последица на недомаќинско и неодговорно управување“, стои, меѓу другото, во соопштението на Ѓорѓиевски.

Претходно Левица обвини дека тендерот за зимско одржување на улиците (во вредност од еден милион евра), Орце го доделил на фирмата „Нексос Инженеринг“ каде сопственик е Јонче Спиркоски.

-Спиркоски во минатото стана познат во јавноста со неговата фирма ,,Аполо Инженеринг”, за која токму ДПМНЕ на прес-конференции обвинуваше за сериозен криминал со спорните високатници кои требаше да се градат во населба Влае. Како Орце Ѓорѓиевски сега дели милионски тендер на бизнисмен за кој неговата партија обвинуваше дека е дел од градежната мафија која сака да го бетонизира Влае?!

За контроверзниот ДУП во Влае и бизнисменот Јонче Спирковски, медиумите претходно објавуваа дека фирмата на Спирковски извршила скандалозна приватизација на улицата ,,Есперанто”, каде успеала да приватизира 153 квадратни метри по цена од само 285 денари за метар квадратен, рекоа, меѓу другото, од опозициската партија.

Како Ѓорѓиевски дели милионски тендер на бизнисмен за кој неговата партија обвинуваше дека е дел од градежната мафија која сака да го бетонизира Влае, прашуваат од Левица