Орце до СДСМ: За разлика од нив, јас водам скромен живот – живеам во стан и возам сопствен автомобил

„Чантата што ја носи мојата сопруга чини 944 денари купена од македонска продавница“, порача градоначалникот на Скопје

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

„Фактите се едноставни и кристално јасни, чантата што ја носи мојата сопруга чини 944 денари купена од македонска продавница. Не 30.000 евра. Туку 944 денари. Толку од нивната сензација и „ексклузива“, стои во објавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по објавите на СДСМ за брендираната чанта на неговата сопруга.

Градоначалникот на Град Скопје оценува дека ваквите напади се, поради, како што вели, кога не можат да најдат ниту една сериозна замерка за работата на Скопје, кога гледаат дека градот повторно се исправува на нозе и дека резултатите се видливи, тогаш се служат со вакви лаги.

„Јас нема да паѓам на нивното ниво и да потсетувам во какви луксузи живеат семејствата на нивните челници и функционери. Нема да отворам теми за златни визи, за станови и згради во Дубаи, во Козле „подарени“ луксузни Q8-ци и слични симболи на нивната лажна скромност. Ќе го задржам нивото на комуникација, иако јавноста многу добро знае кој како живее и од што. За разлика од нив, јас водам скромен живот. Живеам во стан. Возам сопствен автомобил. Ништо повеќе и ништо помалку. И мојот народ тоа го знае“, објави Ѓорѓиевски, додавајќи дека бара јавно извинување од СДСМ во рок од 24 часа, објавено на истата Фејсбук-страница каде што ја пласирале лажната вест, како и во медиумите.

„Доколку тоа не се случи, ќе поднесам пријава и ќе ги искористам сите правни механизми за заштита на мојот и угледот и честа на моето семејство“, истакнува градоначалникот.

СДСМ вчера објави соопштение со наслов „Извинување до Орце Ѓорѓиевски“, во кое, со изразена иронија, тврди дека му „ја отвориле најболната тема“ – каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите што, според партијата, ги добиваат две фирми што ги нарекува „омилени“ на власта: Пирамид билдинг и Ленди груп.

Во завршницата, соопштението се префрла и на јавната расправа околу „чанти“ и фотографии, со порака дека следниот пат „прво нека ја проучат разликата“ меѓу чантата што ја носела сопругата на Ѓорѓиевски и онаа што, според СДСМ, била објавена во јавноста. Партијата ја заокружува иронијата со тврдење дека „верува“ оти чантата е 944 денари.