Орце ги нападна советниците на Левица: Апасиев ве собира во подруми и ви држи предавања – Арсовска ви беше ментор

„Тоа што Апасиев и поединци од кај вас - самодекларирани правници кои што не знам како станале професори на факултети, ви држат предавања, ве собираат во подруми и ви објаснуваат како треба да кажувате овде на Совет, не значи дека нешто е вистина“, рече скопскиот градоначалник

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

За вчерашните обвинувања од Левица за даден тендер, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска повтори дека партијата има уште неколку часа да се извини, во спротивно следува тужба.

„Јас мислам дека внимателно ве слушав, сега треба да имате малку желудник и да слушнете од другата страна, а не само да напаѓате. Законот не е прекршен ниту некој прави преседан. Тоа што Апасиев и поединци од кај вас – самодекларирани правници кои што не знам како станале професори на факултети, ви држат предавања, ве собираат во подруми и ви објаснуваат како треба да кажувате овде на Совет, не значи дека нешто е вистина. Зошто вие како советник на Левица не се извинивте после вчерашните обвинувања, каде што таа која ви беше ментор потпишала договор, а вие ме обвинувате мене? Не ви беше ментор Арсовска“, кажа градоначалникот од Советот на Град Скопје во обраќањето до советничката од Левица, Дарја Мустафоглу.

Ѓорѓиевски обвинува дека се „расфрлаат пердуви и ништо не е точно“, како што вели за обвинувањата од Левица.

Градоначалникот вчера ѝ даде рок од 24 часа на партијата да му се извини за обвинувањата за милионски тендер.

„Во врска со изнесените обвинувања од страна на политичката партија Левица, Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека станува збор за уште една манипулација со факти и обид за креирање политички наратив кој не соодветствува со реалната состојба. Тендерската постапка за која Левица пласира обвинувања во јавноста е потпишана во периодот на мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска. Станува збор за постапка која е наследена од претходната администрација и претставува дел од континуирани развојни процеси во институциите на Град Скопје“, се наведува во реакцијата.

Орце бара извинување од Левица: Тендерот за зимско одржување на улиците е потпишан од Арсовска