Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека дадена била насока до директорот на ЈП „Градски паркинг”, во општина Аеродром, во Реонскиот центар каде се воведува зоната D12, дека останува да важи старото правило: секој резидент – физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно.
„Ова правило останува да важи за цел Аеродром! Ова е директен одговор на барањата и реакциите на граѓаните и доказ дека нивниот глас не само што се слуша, туку и се почитува. Нашиот народ е секогаш во право! Паралелно, во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање во Ново Лисиче“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека веќе се поставува соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, по што ќе следува и поставување информативни табли.
„Со ова, ќе се обезбедат вкупно 2719 паркинг места кои ќе бидат конкретно решение за реалниот проблем. Истовремено, правиме чекор напред и во дигитализацијата. Од 01.04.2026 година, граѓаните ќе можат електронски да поднесуваат барања за дозволи преку платформата „moj.parking.mk“, за сите паркиралишта под надлежност на „Градски паркинг“ – зонско паркирање, паркиралишта со рампа и катни гаражи“, посочи градоначалникот.
Дополнително, додава тој, овозможено е и онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи, со што процесот станува побрз, поедноставен и достапен за сите.
Откако Град Скопје и Општина Аеродром го најави воведувањето на зонско паркирање во Реонски центар, жителите на Ново Лисиче, кое се наоѓа од дргата страна на булеварот „Видое Смилевски – Бато“ бараат одложување до паралелно воведување на зонското и на нивната страна. Стравуваа дека сите оние кои нема да можат бесплатно да се паркираат пред ТЦ „Лиса“, ПСС, но и пред маркетите „Кам“, „Жито“ и „Стокомак“, ќе се паркираат пред нивните згради, каде и сега е хаос со паринг местата.
Граѓаните потсетија дека им било ветено дека до септември 2025 година Општина Аеродром во координација со Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ ќе ја обележат целата територија на Ново Лисиче и ќе постават информативни табли за зонското паркирање, за овој процес да се имплементира истовремено и да нема дополнителен хаос со префрлање на проблемите од една страна на населбата на друга.