Орце најави почеток на процесот за изградба на две монтажни гаражи во Клиничкиот центар

Се предвидува Клиничкиот центар да добие две катни гаражи со 500 нови паркинг места

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека денес, заедно со министерот за здравство, Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, одржале координациски состанок со кој официјално го отпочнуваат процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар.

Според градоначалникот, со реализацијата на овој проект кој ќе го изведува градот Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места, со што конечно се става крај на долгогодишниот хаос со паркирањето во и околу Клиничкиот центар.

-Ова е конкретно, функционално и трајно решение кое директно ќе го олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава кои секојдневно доаѓаат на лекување. Изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди, додал Ѓорѓиевски.

Градоначалникот нагласил дека овој инфраструктурен зафат е во координација со премиерот Христијан Мицкоски и за кој, како што вели, имаме поддршка и претставува јасен сигнал за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.