Орце: Откако ќе ни стигнат новите 100 автобуси од Владата и 30 преку БРТ, тогаш ќе можеме да дискутираме ако имаме некоја аномалија дека не сме напраиле сè

„Околу 180 автобуси имаме како ЈСП Скопје коишто се обраќаат на линиите низ градот“, вели градоначалникот

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Фејсбук

Запрашан за проблемите во јавниот градски превоз и зошто во моментов барем нема точен возен ред на интернет страниците, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакнува дека секогаш бил искрен во неговите искази и настапи во јавноста и ваквите тврдења ќе мора да ги провери со директорот на ЈСП Скопје.

-Најпрво имаше информација пред неколку дена во јавноста дека 150-тина автобуси биле секојдневно ставани во функција, уште 30 плус се поправени, а стоеа по гаражите изминатиов период. Значи околу 180 автобуси имаме како јавно сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје коишто се обраќаат на линиите низ градот. Ќе морам да проверам, доколку има точна информација или забелешка од некој од граѓаните, еве апелирам да реагираат до градот Скопје, но и до јавното сообраќајно претпријатие. Откако ќе ни стигнат новите 100 автобуси од Владата, 30 автобуси преку БРТ, тогаш ние ќе можеме да дискутираме ако имаме некоја аномалија дека ние не сме напраиле се. Но во моментов јас давам се од себе со тоа што располагаме да го ставиме во целосна функција за граѓаните, вели, меѓу другото, градоначалникот во интервју за РСЕ.

ЈСП ќе се модернизира, но кога – сè уште останува непознато. Градоначалникот неодамна најави набавка на 100 нови автобуси, кои, како што вели, ќе го променат секојдневието на илјадници граѓани што го користат јавниот превоз, но без конкретен датум кога автобусите ќе почнат да сообраќаат низ главниот град.

„Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз. Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и Владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша неодамна Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Додека да пристигнат новите автобуси, за скопјани нова година – стари проблеми. Автобусите доцнат, а граѓаните не успеваат навреме да стигнат на работа, училиште или на лекар.