Орце планира делот под Кале да биде нова локација за дискотеки

Планот е Град Скопје да изгради објекти и да ги даде под кирија

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски смета дека во моментов недостигаат околу 150 автобуси за да имаме нормализиран јавен градски превоз. Toj признава дека состојбата не е задоволително ниво, но оценува дека постигнале видливи резултати како градска администрација. Информира дека и тие 40-тина автобуси кои се поправиле, се стари и честопати некои од нив имаат дефекти.

Градоначалникот тврди дека од јуни ќе започне набавката на новите автобуси и дека до септември ќе ги имаме првите на располагање.

Околу најавениот Луна-парк и отстранетите летни дискотеки на тој простор во Градскиот парк, Ѓорѓиевски најави дека во план е изградба на мост кој што ќе го спои забавниот парк со Зоолошката градина. За единствената дискотека „Pure“ која е лоцирана веднаш до Зоолошката, градоначалникот информира дека имаат план и за тој простор, но во моментов има жалба пред суд.

Градоначалникот најавува нова локација за дискотеките и забава за младите.

-Разгледуваме неколку места. Една од тие локации е делот под Кале, еден од моите противкандидати каде што нудеше тезги да направи….Планот ми е ние како Град Скопје да бидеме инвеститори на неколку објекти. Со оглед на трагедијата во Кочани, треба да градиме по стандарди…Не би дозволил моето дете утре да влезе во небезбеден објект. Разговарав со Комората на угостители и по одлучување на локацијата, да изградиме објекти кои што ќе ги дадеме под кирија, рече Ѓорѓиевски во емисијата „Аргумент плус“.