Судечкиот совет на Основниот кривичен суд Скопје, предводен од судијата Илија Трпков, ќе ја соопшти пресудата за случајот „Организатори на 27 април“ на 26 јули.
Антонио Апостолски, бранител на поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, побара тој и другите обвинети во предметот да бидат ослободени од обвинението, бидејќи според него Обвинителството не докажало дека тие го сториле делото. Апостолски рече дека од ниту еден од доказите на кои се темели обвинителниот акт и кои беа изведени на главната расправа, не може да се утврди фактичката состојба наведена во обвинението.
Според него, обвинението против Атанасовски, Обвинителството го темели врз изјавата на сведокот Александар Василевски-Нинџа.
Поранешниот министер Миле Јанакиески побара судот да донесе одлука базирана на докази, а не како што рече, врз основа на сведочењето на Александар Василевски Нинџа.. Побара, во предвид да се земат и сведочењата на сегашни и поранешни државни функционери.
„Обвинението против мене е парадокс. Ме обвинуваат од позиција на директор на УБК, од позиција на носител на државна тајна“, вака во завршните зборови се изјасни ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски, за судскиот случај „Организатори на 27 април“.
Според него, од друга страна, правосудните органи не му дозволиле со исто оружје да се брани.
„Ме обвинуваат за позицијата директор на УБК. Најискрено жалам за тоа што се случи, за жртвите, но и со цела држава. Сепак, јас ниту сум организирал, ниту сум придонел да се случат овие настани. Не ми дадоа да споделам класифицирани информации“, изјави Атанасовски.
За организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, обвинети се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.