Платформата за родова еднаквост упати барања и достави рок до министерството за внатрешни работи за конечно разрешување на случајот „Јавна соба“ и доследна заштита на жените жртви на родово насилство.
„Со жалење заклучуваме дека иако сте министер за внатрешни работи веќе втор мандат, ние во практика не гледаме никакво унапредување во однос на постапувањето на полицијата во ваквите случаи. Дури и најдобрите закони во областа нема да имаат ефект, доколку полицијата продолжи со непрофесионално постапување, засновано на лични и произволни ставови засновани на родови стереотипи и предрасуди“, рече Бојана Јовановска.
Според нив, полицијата потфрла во заштитата на жртвите и дадоа рок до 8 март да се покаже волја и резултати во борбата против сексуалното вознемирување и родовото базирано насилство.
„Не прифаќаме изговори и префрлање на одговорноста. Бараме резултати веднаш. Искуствата на жените на која им обезбедуваме бесплатна правна помош, покажуваат дека случаите каде полицијата соодветно постапува се исклучок,а не правило. Жените не веруваат во полицијата заради непостапување и релативизирани на нивните искуства, опомени и прекршочни санкции за сторителите, наместо кривични пријави. Очигледно им требаше една година за случајот, во една недела се обидоа да ни ги замачкаат очите со неколку постапки од МВР и ОЈО, но сакаме да видиме сериозни резултати и војла, а не да биде само декларативно“, дополни Јовановска од Платформата за родова еднаквост, кои се организатори на протестот за случајот „Јавна соба“.
Покрај ова, здруженијата сплотени во Платформата, сметаат дека во полицијата постои непотизам, корупција и култура на прикривање на пропусти меѓу полициските службеници, поради кои насилниците поминувале несанкционирано, а жртвите губат верба во системот.