Организаторите на Вимблдон преговараат за учество на тенисери од Русија и Белорусија

од Nikola Popovski
287 прегледи

Организаторите на тенискиот Грен слем турнир Вимблдон разговараат со британските власти дали на годинешниот турнир да им биде дозволено учество на тенисери од Русија и Белорусија.

Организаторите рекоа дека тоа е „сложено и предизвикувачко“ прашање, објави Би-Би-Си.

На руските и на белоруските играчи им е дозволено да учествуваат на АТП и ВТА турнирите, но без нагласување на државните симболи.

„Планираме да ја објавиме одлуката пред крајниот рок за регистрација на играчи, кон средината на мај“, се вели во соопштението.

На машката и женската тениска репрезентација на Русија им беше забрането да ги бранат титулите во Дејвис купот и Били Џин Кинг купот поради воената интервенција во Украина, со поддршка од Белорусија.

Спортистите од Русија и Белорусија се суспендирани од бројни меѓународни натпревари.

„Ги забележавме насоките на владата во врска со присуството на руски и белоруски поединци во неутрален капацитет на спортски настани во Обединетото Кралство. Продолжуваме да разговараме со Владата, организаторите и меѓународните тениски тела“, се додава во соопштението.

Третиот Грен слем турнир во сезоната на Вимблдон ќе се одржи од 27 јуни до 10 јули во Лондон.

Слични содржини