Оштетувањето на подводниот гасовод и телекомуникацискиот кабел што ги поврзува Финска и Естонија под Балтичкото Море е резултат на „надворешна активност“, објави финската влада.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека НАТО ги споделува своите информации поврзани со штетите и дека е подготвен да застане со сојузниците. Финска влезе во НАТО во април оваа година, додека Естонија е членка од 2004 година.
„Веројатно оштетувањето на гасоводот и комуникацискиот кабел е резултат на надворешна активност. Причината за штетата се уште не е јасна, истрагата продолжува во соработка со Финска и Естонија“, изјави претседателот Саули Ниинисто. „Разговарав со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска. НАТО е подготвен да помогне во истрагата“, рече тој.
Гасоводот Baltic Connector, долг 77 километри, беше затворен рано во неделата поради загриженост дека тече гас. Финскиот оператор „Гасгрид“ рече дека поправките може да траат со месеци или повеќе.
„Падот на притисокот во гасоводот беше доста брз, што покажува дека не се работи за мала пукнатина. Но, причината не е јасна“, изјави за Ројтерс службеник за енергетика на Балтикот, запознаен со ситуацијата, кој сакаше да остане анонимен.
Финските медиуми пишуваат дека постои сомневање дека Русија го извршила нападот и го оштетила гасоводот.