Трифун Костовски јавно призна дека свесно сторил кривично дело. Во 2019 година подарил 3 милиони евра од депозитите на Еуростандард банка во соседната Комерцијална банка, за да истите служат како обезбедување за земени и невратени кредити од трети правни лица. Нелегално доделени и покрадени пари, потпишани и одобрени од Трифун Костовски како претседател на надзорниот одбор на Еуростандард банка. Тој го водел надзорот врз работењето во банката и меѓу другото, одобрувал милионски суми за кредитирање на комитенти на банката кои и не биле кредитоспособни. Пари дадени во неповрат, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„И не е само Трифун Костовски осомничен за организираниот криминал во Еуростандард банка. Неговиот син Коста Костовски речиси две децении раководел со двата кредитни одбори на Еуростандард банка – Одборот за кредитирање на правни лица и Одборот за кредитирање на физички лица. Фрапантни 73 отсто од кредитното портфолио на правни лица или околу 55 милиони евра биле нефункционални кредити на денот на затворање на банката. Ненаплатливи или тешко наплатливи кредити.
А за сето тоа време Николче Петкоски бил генерален директор на банката, претседател на управниот одбор. Тој ја водел банката додека се правел криминалот во истата. Меѓу другото, и на неговиот вујкo му доделил неповратен кредит преку фирма од околу 1,2 милиони евра. Пари кои никогаш не се вратени во банката.
Едно е заедничко за сите вакви нелегални, криминални постапки кои масовно се спроведувале во Еуростандард банка, особено во последните неколку години пред нејзиното затворање. Сите тие трансакции биле одобрени од раководните лица во банката, кои се единствените потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат.
Прво поминуваа месеци, па потоа поминаа и години. Сите индикации покажуваат дека во Еуростандард банка се спроведувал организиран криминал со години. Извештаите говорат дека масовно се краделе депозити од банката. Се делеле кредити без исполнување на основни критериуми за одобрување. Не се почитувале ниту кредитната политика, ниту политики и процедури за кредитен ризик. Народна банка молчела додека се случувал криминалот, а сега обвинителството молчи кога истиот треба да се казни. Неказнивоста стана заштитен знак во случајот со ограбената Еуростандард банка. А каде има неказнивост таму најчесто има и корупција.
Се прашуваме, дали се Трифун Костовски и неговата екипа од Еуростандард банка над законот? Бидејќи Трифун Костовски и јавно призна сторено кривично дело, а обвинителството и понатаму молчи. На тоа прашање можеби ќе помогне да се даде одговор тимот за санкции од Вашингтон којшто е најавено дека пристигна во земјава за да се почне со расчистување на криминалот и корупцијата. Случајот со ограбената Еуростандард банка предолго чека во фиоките на обвинителството. Како показен случај за организиран криминал од големи размери вредно е да добие приоритет во расчистувањето, предметот да се извади од фиока и да се стави на маса. Бидејќи и времето за тоа, според законот, веќе помина“, додаваат оттаму.