„Во деведесетите години, пирамидалните штедилници прибираа пари од штедачите со кои делеа атрактивни камати (за собирање нови клиенти), а вишокот си го делеа организаторите на криминалот. Во моментот кога износот на каматите што се исплаќаа ќе се изедначеше со новиот прилив на пари, штедилниците се затвораа и одеа под стечај. Најкарактеристична е штедилницата „ТАТ“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„По истиот принцип, Еуростандард банка прибираше пари од штедачите и ги делеше на бандитите, овој пат на многу пософистициран начин, преку сметки и банкарски трансфери. Се отвора фирма, зема кредит без покритие, потоа парите ги дели на други фирми и сите заедно го собираат ловот и фирмите ги затвораат. Класична кражба пред очите на јавноста и органите за контрола и гонење. Ама измислен израз „нефункционални кредити” за никој да не одговара. И така по принципот на „ТАТ” и оваа банка собираше пари од штедачите, исплаќаше камати а вишокот си го делеа арамиите. Кога приливот на нови штедни влогови се изедначи со грабежот, се појави гувернерката Бежоска и ја затвори банката. Штедачите, ограбени до коска, останаа со прстот в уста.
Правејки ја паралелата меѓу „ТАТ” и „ЕУРОСТАНДАРД”, сепак има и разлики. Веднаш по хаваријата на „ТАТ”, се свика собранието на кое Црвенковски го обелодени „октоподот” и најави безкомпромисна борба со него. Тогашниот директор на Г.П. „Пелистер” од Битола беше експресно затворен заедно со неговата сопруга, затоа што дал 800 илјади германски марки позајмица на штедилницата. Експресно уапсен без проверка, само дека позајмил пари, а зошто и неговата сопруга, до ден денес не е објаснето. Како и да е, експресна реакција на органите. Фати го секој што имал врски со штедилницата, а после ќе се објаснува колку и дали е крив. Во случајов, Сиљан Мицевски ја докажа својата невиност и невиноста на сопругата ама одлежа неколку месеци во притвор. Да напоменеме дека тогашниот гувернер на Народна Банка, Борко Станоевски, добро се испоти пред пратениците во парламентот да објасни дека неговата институција и тој не се виновни за пропаста на „ТАТ”, во што не успеа па мораше експресно да си поднесе оставка. Државата пак целосно се ангажираше во изнаоѓање решение за обештетување на штедачите во услови кога не постоеше Фондот за осигурување на депозити нити некаков друг закон или пропис. Таа сепак најде решение. Донесе закон со кој, сепак ги врати парите на штедачите, не од стечајната маса туку од буџетот.
Што се случува сега со Еуростандард банка во стечај? Еве веќе се влегува во единаеаетиот месец од пропаста, а од државата нема никаква реакција. Никој не се гони за кражбата на столетието иако Здружението „Правда за штедачи” по име и презиме ги обелоденува и допрва ќе ги обелоденува крадците, износите што ги украдоа и начинот како ги украдоа. Крадците слободно шетаат и наголемо ги доскриваат парите а богами и наголемо ги трошат. Гувернерката Бежоска, за која има сериозни индиции и укажувања дека е учесник во организацијата на грабежот, и понатаму раководи со Народна Банка, а велат и добивала признанија за одлично раководење. А Станоевски, на времето отиде јабана иако не беше виновен, а само наивен со „ТАТ”.
Фамозниот член 163 став 3 од Законот за банки, штредачите со својата упорност а и објективност на повеќето уставни судии, го укинаа, но не може а да не се спомене деструктивноста на одредени јавни личности, блиски до власта, кои битка биеја членот да не се укинува.
Сега кога има обезбедено пари на сметката на банката во стечај, кои се пари на штедачите, државата никако да собере храброст да ја реши измената на Законот за банки за да можат да си ги земат своите пари, кои во моментов седат мртви на сметката. Со „ТАТ” државата им ги врати парите на штедачите од буџетот, а сега не им ги дава нивните сопствени лични средства заглавени во стечајната маса. Секој нормален човек читајќи го текстов би си го поставил прашањето, Истата држава е, или оваа е некоја друга?“,прашуваат од Здружението.