Оштетени штедачи: Дали и докапитализацијата на Еуростандард банка од 10 милиони евра е дел од криминалот?

514 прегледи

Здружението „Оштетени штедачи“, во своето денешно соопштение, уште еднаш посочуваат дека се потврдува криминалот на Еуростандард банка со официјалните изјави на Комерцијална која во изминатата недела тврдеше дека Трифун Костовски должен е и во неа.

„Во изминативе денови бевме сведоци на неколку официјални изјави на Трифун Костовски како и официјални изјави од страна на Комерцијална банка каде се откриваат интересни моменти во целиот овој случај со грабежот на Еуростандард Банка и од каде излегуваат многу прашања, кои ние како Здружение преку ова соопштение би сакале да ги поставиме до институциите во државава вклучително и Народна банка односно гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Имено, во точка 3 од изјавата на Комерцијална банка стои следното: „Како трето, на барање на г-динот Костовски, Комерцијална банка во 2019 година ѝ одобри кредит од 10 милиони евра на неговата фирма Гофи за докапитализација на Еуростандард банка, а како залог беа ставени 3.200 акции од Еуролинк осигурување. Овој кредит беше уредно вратен. Тоа што 10 милиони евра г-динот Костовски ги изгуби за шест месеци е негова лична одговорност и за тоа не му се виновни ниту НБРСМ, ниту Комерцијална банка, ниту Владата, ниту оштетените штедачи и клиенти на Еуростандард банка“. Ова се истите оние 10 милиони евра коишто Народна банка ги споменува во нивните превземани акции за спас на Еуростандард банка.

Како реплика на изјавата од Комерцијална банка, ја цитираме јавната изјава на Трифун Костовски во целост “Во точка три – тука има повеќе прашања. Факт е дека добивме 10 милиона евра кредит од Комерцијална банка за докапитализација на банката. Прашање: дали Управниот одбор на Комерцијална банка и неговиот Надзорен одбор се запознаени под какви услови го добивме овој кредит? Бидејќи целата процедура беше водена од Управниот одбор на Комерцијална банка, убеден сум дека Надзорниот одбор не бил информиран со деталите. Имено, при самите преговори за добивање на овој кредит, бевме уценети ние, акционерите на Еуростандард банка и моравме да потпишеме изјави во името на Еуростандард банка и како акционери во банката, сите до еден, дека нема да покренуваме никакви постапки пред надлежните органи за нелегалното користење на депозит од Еуростандард банка во Комерцијална банка од 3 милиона евра кој требаше да служи како гаранција за добиениот кредит за Гофи, чиј износ остана сѐ уште неисплатен од 7 милиони евра.

Да биде иронијата уште поголема, арогантно барање да потпишеме ваков документ беше во присуство на лице од Еуростандард банка, член од акционерите, членови на Управниот одбор на Комерционална банка и високи функционери од Народна банка.

Присуството на високи функционери од Народна банка значи аминување за криење на нелегални деанија во банкарскиот сектор. Знам дека и јас со овој чин направив кривично дело, ама имав цел да ја спасам банката. Но, сето ова е доказ дека рибата смрди од главата, дека моделите на однесување доаѓаат „од горе“.“

После читање на овие изјави, секој ѓраѓанин на оваа држава неминовно би требало да си го постави прашањето во каков банкарски систем ги депонира своите тешко спечалени пари.

Бидејќи ние, оштетените физички и правни лица, ова прашање е доцна да си го поставиме на самите себеси, затоа еве јавно ја повикуваме гувернерката Бежоска да одговори, онака најтранспарентно како досега нели, дали знае за ова кривично дело кое јавно го признава Трифун Костовски и дали високи функционери од Народна банка кумувале на овој криминален чин?

Како е можно да се прави докапитализација на банката со залог од 3 милиони евра од самата Еуростандард банка???

Доколку гувернерката Бежоска повторно не најде за сходно да ни одговори на ова прашање, ќе оставиме на останатите институции во државата да истражат и одговорат на ова како и на многу други веќе поставени прашања во врска со ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ во ограбената Еуростандард банка. За тоа како се врши криминалот и корупцијата во нашата земја, доследно се и ќе продолжат да бидат информирани амбасадите и дипломатските претставништва во нашата земја, како и високите претставници на Европската унија.

Во очекување на одговор од гувернерката Бежоска, продолжуваме понатаму“, се вели во соопштението на здружението.

Слични содржини