Оштетени штедачи: Екопласт Рисајклинг добил кредит од 1,6 милиони евра и 803 дена пред затворањето на банката не вратил ни денар

од Nikola Popovski
298 прегледи

„Надлежните државни институции упорно молчат. И после поминати повеќе од осум месеци, го толерираат направениот масовен криминал со кражба на депозити од Еуростандард банка. Како што најавивме, ние продолжуваме понатаму да ја споделуваме со јавноста вистината за грабежот на нашите депозити преку факти.
Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, Екопласт Рисајклинг доо увоз-извоз е фирма која има долг кон Еуростандард банка од 1,6 милиони евра и нема вратено ниту еден денар 803 дена пред затворање на банката минатата година. За земениот кредит, на фирмата се води залог на опрема проценета на вредност од 460 илјади евра. Фирмата е основана во ноември 2012 година, со седиште во општина Гази Баба во Скопје, со непаричен влог од 5 илјади евра и со дејност производство на производи од пластични маси. Фирмата има двајца сопственици, Зоран Црвенковски и швајцарска фирма Атекс Пхарма Сагл. Во 2019 година, Екопласт Рисајклинг имала само еден вработен“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Увидот во билансите кажува дека оваа фирма во последните пет години била презадолжена односно пливала во долгови. Од 2015 до 2019 година фирмата имала и континуирани загуби од 165 до 450 илјади евра, долгови од 900 илјади до 1,8 милиони евра и негативен капитал од 150 илјади до 1,5 милиони евра. Во 2018 година, од тогаш кога се води ненаплатениот долг, фирмата имала загуба од 430 илјади евра, долгови од 1,7 милиони евра и негативен капитал од 1,3 милиони евра, односно задолженост од 420 отсто! Несомнено, единствено што можело да се случи за оваа фирма бил стечај, којшто е и отворен на 29 октомври 2020 година.

Како раководството на банката одобрило кредит на фирма која апсолутно не била кредитоспособна и бонитетна да исплаќа кредит!? Како тоа фирмата нема платено ниту една рата, ниту еден денар цели 27 месеци до затворањето на банката минатата година, а да никој не реагирал ниту преземал нешто? Како е можно да се даде високоризичен ненаплатлив кредит од 1,6 милиони евра, а да гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, видела, знаела, но молчела и не реагирала? Од кога тоа се даваат милионски кредити со четири пати помало обезбедување на фирми кои се презадолжени и во загуби, кои немаат никакви критериуми за враќање на било какво задолжување? Што е ова ако не чист ГРАБЕЖ!?

Кога раководните лица во банката, тие кои го иницирале, организирале и спровеле овој грабеж и оние кои ги земале туѓите пари а свесно не ги враќале, ќе одговараат? Кога ќе ни се вратат украдените пари? Кога ќе одговара гувернерката Бежоска за нејзиното соучество во овој организиран криминал?

Кога ќе се изјаснат вицепремиерот за борба против криминалот и корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ за овој масовен грабеж од банката во износ од околу 60 милиони евра? Што ќе каже министерот за финансии Фатмир Бесими за грабежот во банката споредено со финансискиот систем во земјата? Каде е финансова полиција, која е под директна надлежност на Министерството за финансии, да обзнани за овој грабеж?

Грабежот остави целосно ограбени и во агонија над 3.000 семејства, граѓани и фирми. Додека Владата помага со субвенции на различни групи на граѓани и фирми во државава за да ја поминат полесно тешката економска криза и пандемија, ги остави овие ограбени семејства без нивните лични парични средства на начин што преку Народна банка и гувернерката Бежоска го одобри и сеуште го толерира овој масовен организиран криминал и висока корупција. До кога ќе се молчи? Државата преку своите институции има вмешаност и вина со дозволувањето да овој грабеж се случи и сега сеуште поминува неказнето. Да имало контрола и закони кои ги штитат интересите на граѓаните и фирмите, немаше да дојде до ваков катастрофален криминален зафат што остави пустош позади себе.

Наместо да бидеме лидери во нешто добро, секогаш сме лидери во нешто лошо, а најчесто тоа е организираниот криминал и корупција кои секојдневно беснеат во државава. Тоа го гледаме секој ден. Тоа го потврдија и високите претставници на Европската унија, оние од Брисел, во чие семејство ние сакаме да бидеме. А тоа истото го потврдува и молчењето од Народна банка, Министерството за финансии и другите надлежни државни институции. Со молчење и толерирање на криминалот и корупцијата од страна на надлежните државни органи и не решавање на овој проблем нема влегување во Европската унија“, истакнуваат оттаму.

Слични содржини