Оштетени штедачи: И после три години нема никаква одговорност за организираниот криминал во Еуростандард банка

од Vladimir Zorba
414 прегледи

На денешен ден пред три години се затвори Еуростандард банка. Се случувал осмислен, организиран и спроведен грабеж на депозитите од банката. И уште нема никаква одговорност од никого. Народна банка знаела и гледала со години додека се правеле нелегални трансакции внатре во Еуростандард банка, но оставила организираниот криминал да работи за да банката неминовно се затвори. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција покрена истрага за Еуростандард банка уште во февруари 2021 година. Пред повеќе време поминаа и сите законски рокови за изјаснување од обвинителството, но единствено што се случува е молк за организираниот криминал во Еуростандард банка,  соопштија денеска од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„За криминалот се осомничени раководните одговорни лица во Еуростандард банка. Тоа што се знае е дека се делеле кредити без исполнување на основни критериуми за нивно одобрување и не се почитувале низа законски обврски. Едно е сигурно. Осомничените раководни лица во Еуростандард банка се потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат, а истите се делени масовно без соодветни обезбедувања или само на основа на обични меници.

Сторени се низа кривични дела. Од злоупотреба на службена должност и овластување, преку измама, фалсификување документи, перење пари и други приноси од казниво дело, и како резултат на сето тоа предизвикување стечај на банката. Тешки кривични дела од Кривичниот законик на Македонија за кои се одговара.

Но нема никавка одговорност. Како да не се случило ништо. По големината на криминалот, Еуростандард банка е на ниво со ограбената штедилница ТАТ, криминал кој го паметиме од 1997 година. За разлика од Еуростандард банка, за ТАТ имаше брза реакција од надлежните институции и утврдена одговорност за сторениот криминал. Иако после 25 години од тогаш банкарскиот сектор многу напредна технолошки во начинот на следење на трансакциите и можностите за утврдување одговорност за нелегални трансакции, за криминалот во Еуростандард банка се молчи иако е се познато на основа на конкретни материјални докази достапни на обвинителството веќе подолго време. Но сега, за разлика од тогаш, владее тишина за организираниот криминал во Еуростандард банка“, порачаа од Здружението во своето соопштение.

Слични содржини