Оштетени штедачи: Како лажната резервација за долгот од 232.000 евра на фирмата „Чаме“ ја покажува основата на организираниот криминал во „Еуростандард“

од Берта Китинска
576 прегледи

„Законска обврска на супервизијата на Народна банка над работењето на било која банка во земјава е да врши оценка на ризикот преземен од банката, дали банката соодветно го прикажува преземениот ризик и како управува со тој ризик. Во повеќе наврати, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска изјавува и дека во случајот со работењето на затворената Еуростандард банка, Народна банка ги преземала сите расположливи, соодветни супервизорски мерки за заштита на интересот на доверителите“, соопштуваат утрово од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Како тогаш Народна банка вршела контрола над управувањето со кредитниот ризик на Еуростандард банка преку износите на посебно издвоените парични резерви кога многу од нив во портфолиото на нефункционални кредити од банката се лажно претставени!? Што гледала, а не сакала да види супервизијата на Народна банка во управувањето со кредитниот ризик на Еуростандард банка?

Еве само еден пример од многуте слични, којшто го покажува криминалното работење во ограбената Еуростандард банка и истото такво одборување и молчење на супервизијата на Народна банка.

Фирмата за трговија и услуги Чаме ДОО увоз-извоз Скопје должи околу 232.000 евра на Еуростандард банка и нема платено ниту една рата 377 дена или повеќе од една година пред затворањето на банката минатата година. За кредитот се води обична меница како единствено обезбедување. Фирмата се занимава со трговија на мало со текстил во специјализирани продавници. Има двајца вработени и е со седиште во општина Карпош. Како и многу други фирми должници, и оваа фирма била клиент на Комерцијална банка пред да биде задолжена во Еуростандард банка. Управител на фирмата е Снежана Чамевска.

Според билансите на фирмата во изминатите 5 години, таа имала континуирани годишни загуби во рангот од 17.000 до 21.000 евра, додека долговите на фирмата континуирано растеле од 200.000 па се до 500.000 евра. Воедно, за целиот овој период фирмата била задолжена повеќе од нејзината вредност, односно околу 120 отсто.

За да Еуростандард банка ги покрие загубите за оваа кредитна изложеност, за процент на издвоената посебна парична резерва се водел 40,82 отсто. Според законските прописи за категорија на ризик, овој кредит бил класифициран во категорија на ризик „В” односно за опсег од 20 до 45 отсто издвоена парична резерва од Еуростандард банка, што одговара за доцнење во намирување на обврските до 120 дена или со исклучок до 180 дена. Меѓутоа, во овој случај, фирмата доцнела со исплата 377 дена, што значи припаѓала во најлошата категорија на ризик „Д”. Во оваа категорија припаѓаат кредити кои доцнат со исплата над 241 ден и за кои банката е обврзана да издвои посебна парична резерва во опсег од 70 до 100 отсто од износот на кредитот. Со оглед дека работењето на фирмата било крајно проблематично и само со обезбедување од обична меница, паричната резервација на Еуростанард банка би требала да биде и 100 отсто. Ова значи дека Еуростандард банка за овој долг имала обврска наместо околу 95.000 евра, да резервира парични средства од минимум 232.000 евра, колку што била и целосната вредност на преостанатиот долг.“, посочуваат меѓу другото од Здружението.

Слични содржини