„Небулозите и измислиците на Трифун Костовски, кој сака да изигрува жрвта и невина личност, се веќе одамна прочитани. Неговиот криминал и арамилак остави најмалку 3.000 семејства во очај и агонија иако Трифун со последната изјава се обидува да ја намали таа бројка и комплетно ги заборава правните лица кој целосно ги оштети зашто истите не се воопшто обештетени“, се вели во соопштението на здружението од каде додаваат:
„Имено би сакале да потсетиме дека освен 780 физички лица депоненти, во масовниот грабеж на Еуростандард банка оштетени се и околу 2.000 фирми. Сопствениците на овие ограбени фирми имаат свои семејства на кои целиот капитал од фирмите им е украден преку Еуростандард банка, ги немаат своите пари, не се ликвидни, имаат долгови кои неможат да ги сервисираат, приморани се да затворат. Дополнително на ова, во крајно незавидна состојба се и вработените во овие фирми и нивните семејства кои ги изгубија приходите во време на пандемија и тешка економска криза, оставени на улица. Со тоа, бројот на оштетени семејства е далеку поголем.
Да се вратиме на фактите од КРИМИНАЛОТ наречен Еуростандард Банка, како и на случувањата и акциите во борбата против корупција. Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски се пофали дека во акција на Агенцијата за храна и ветеринарство е пронајден и запленет 4,5 тони путер со рок на употреба до 2019 година. И дека со тоа, Владата е влезена во бескомпромисна и неселективна борба со корупцијата на сите нивоа. Го повикуваме вицепремиерот Николовски да не се занимава со тривијални работи, туку да се фокусира и да ги решава високиот криминал и корупција што беснеат во нашата држава. Еве еден пластичен пример на конкретен висок криминал и корупција којшто го повикуваме да го истражи и да го реши.
Според извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски, фирмата Камбриум дооел, друштво за експлоатација на минерални суровини и трговија, должи околу 220 илјади евра на Еуростандард банка на денот на нејзино затворање во август минатата година. Оваа фирма нема платено ниту една рата 530 дена или околу една и пол година. Фирмата е основана во јуни 2014 година со непаричен влог од 5 илјади евра.
Единствен сопственик на оваа фирма е адвокатот Славко Секулов, кој е долгогодишен личен адвокат на Трифун Костовски. Фирмата е затворена на 18 февруари 2019 година и избришана од регистарот на фирми поради неактивност. Како е можно да адвокатот на Трифун Костовски ја затвори неговата фирма во февруари 2019 година, а притоа да има неисплатен кредит кон Еуростандард банка од околу 220 илјади евра? Фирмата, која била со седиште во стан во централното градско подрачје на Скопје, на коешто се води и местото на живеење на адвокатот, нема обезбедување за земениот кредит бидејќи фирмата сега не ни постои и неможе да се наплати. Како е можно да не се отворил стечај за оваа фирма само поради долгот кон Еуростандард банка туку таа директно се затворила!? Дали ова е начинот на којшто Трифун Костовски ги извлекувал парите од нашите депозити од банката преку неговиот личен адвокат односно преку негови блиски соработници?
Несомнено, сето ова е направено со умисла и план.
Криминалот оди и понатаму во градењето на криминалната мрежа. Оваа згасната фирма, Камбриум дооел, се јавува и како косопственик на друга фирма должник на Еуростандард банка, Силком Голубица доо, со седиште во село Клечовце, Кумановско. Другите косопственици во оваа фирма се Ненад Јакимовски и Мусаддик Рустеми. Подарениот кредит на оваа фирма од Еуростандард банка е околу 426 илјади евра, за којшто не платила ниту една рата повеќе од две години пред затворањето на банката. Оваа фирма има единствено меница како обезбедување. Фирмата е сеуште правно активна, но нема приходи со години и нема ниту еден вработен. Капиталот на фирмата е негативен, таа има долгови околу 264 илјади евра, додека кредитот кон Еуростандард банка не постои во билансите на оваа фирма. Според сите индикатори, фирмата е пред затворање на сличен начин како и фирмата на адвокатот на Трифун Костовски. И во случајот со оваа фирма, нашите пари се ненаплатливи во целост.
Што е ова ако не чист криминал!? Вакви и слични криминални активности во банката има многу. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, раководството на Еуростандард банка има пласирано ненаплатливи кредити на 58 фирми во вкупен износ од 16,8 милиони евра покриени единствено со меници.
Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски се првотимците од ограбената банка кои свесно ги делеле ненаплатливите кредити во стотици илјади или милиони евра. Очигледно, ова е еден од начините на делење на ненаплатливи кредити на фирми пред затворање, на блиски соработници на Трифун Костовски или на првотимците од банката.
Ги повикуваме премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски да не молчат и да почнат со решавање на овој организиран криминал и висока корупција. Нема правда нема мир“, посочија од „Оштетени штедачи“