„За жал, помпезно најавената агенда „Европа дома” неможе да се оствари. Зошто? Затоа што организираниот криминал и корупција од највисоко ниво се заштитени во нашата држава. Таква земја Европа не сака во своите редови, а нашата европеизација е невозможна се додека државата го толерира и го штити ова зло коешто ги урива основните човекови принципи и начини за нормален живот“, стои во дел од денешното соопштение на Здружението „Оштетени штедачи“.
Веќе седум месеци споделуваме факти за организираниот криминал и корупција во случајот со ограбената Еуростандард банка. Банката пропадна поради организиран и толериран масовен долгогодишен грабеж на депозити, којшто остави преку 3.000 семејства во очај и агонија. Им го украдоа личниот имот, се што поседувале и за што се мачеле со години да создадат. Оставија 2.000 фирми во неликвидност, им ги одземаа сите пари, без никакво обештетување. Законски грабеж, нешто што го нема во било која држава на европскиот континент. И сето тоа се случи во август минатата година, во сред пандемија. Од тогаш па наваму има крајно игнорантен однос од Владата и надлежните институции на системот, молк и толерирање на криминалот и високата корупција.
Низа на незаконски криминални активности извршени под водство на Трифун и Коста Костовски и директорот на банката Николче Петкоски. Некои од нив и јавно признаени. Потоа, сопственици на 149 фирми од Струмица, Скопје, Кавадарци и други градови кои преку соизвршителство и соучество ги добиле и поделиле нашите пари. Сето тоа е помогнато и дозволено од гувернерката Анита Ангеловска Бежоска и нејзиниот прв тим од Народна банка. Извршена измама, висока корупција, низа злоупотреби на службена должност и овластување, перење пари и други приноси од казниво дело, се со цел да се добие финансиска и друга материјална корист.
Денес, организираниот криминал и високата корупција се длабоко вгнездени во нашето општество. За тоа говорат и низа извештаи од реномирани странски организации и еден скорешен рејтинг којшто не смести на срамното 111 место во перцепцијата за корупција на светско ниво. Никогаш до сега во постоењето на независна Македонија не сме биле во полоша состојба.
Добро е што премиерот Заев и останатите високи владини функционери повикуваат за борба против оваа појава која секојдневно ја уништува земјата. Убаво е да се слушне премиерот кога изјавува дека секој што ќе го прекрши законот, ќе мора да се соочи со одговорност. И дека мора да има ред еднаш засекогаш во институциите. Добро е да бидеме и уверувани дека владините функционери и службеници работат во интерес на граѓаните. Сето тоа е добро кажано, но без реализација. Наша препорака е да погледнат во сопствениот двор. Да ја посетат државната Народна банка и да ја прашаат гувернерката Бежоска со што се стекна од нејзиното соучество во овој организиран криминал. Како тоа државата дозволи да бидеме покрадени и зошто не остави на улица без нашите лични средства во сред пандемија и голема светска економска криза?
Сериозните држави и кредибилни политичари неможат и несмеат да замижат на организиран криминал од 60 милиони евра којшто им нанесе директна штета и голема неправда на обичните граѓани и фирми. Изгоре „Глобал“, „изгоревме“ и ние. „Глобал“ се санираше експресно брзо со државни пари, а ние останавме на улица, без нашите лични пари, во очај и со нервози, во сред пандемија, борејќи се со организираниот криминал и високата корупција. И покрај тоа што криминалците се добро познати и се знае каде завршиле нашите украдени пари, власта и надлежните институции и понатаму продолжуваат да не игнорираат нас и да го толерираат високиот криминал и корупција.
Бидејќи законите во нашата држава се такви да не оштетуваат, а во Владата нема волја и интерес за решавање на овој масовен организиран грабеж во Еуростандард банка, останува на нас да јавно ги објавуваме фактите за сторениот криминал преку избраните фирми кои ги подигале ненаплатливите кредити со учество на сите останати актери во ова злодело, за запознавање на пошироката јавност и странските претставништва кои го следат овој криминален случај. Во нив има и звучни и познати имиња на браќа, сестри, побратими, кумови, блиски пријатели, соборци, локални шерифи и разни други измамници. Тоа е што преостанува.