Здружението, Оштетени штедачи во денешното соопштение до јавноста објаснија дека во периодот кој следува, ќе бидат обелоденети вистини врзани за доказите околу, како што велат, „грабежот“ во Еуростандард банка.
Истовремено, уште еднаш велат, дека гувернерката на НБРМ, Бежоска е одговорна за ова, и обвинета е уште еднаш за соучесништво со сопственикот на банката, Трифун Костовски.
„Во наредниот период Здружението преку соопштенија до медиумите ќе ги извади на виделина некои од доказите за тоа како се одвивал ГРАБЕЖОТ на депозити во банката. Преку примери ќе докажеме дека кредитите давани на разни правни лица се давани без никаква економска оправданост и против сите бизнис практики. Како тоа успеале да го направат Трифун и компанија и покрај супервизијата на Бежовска и тимот нејзин, на тоа прашање ќе оставиме да одговорите вие. Пред да излеземе со тие извештаи уште еднаш би сакале да потсетиме на главните актери и нивната одговорност во овој КРИМИНАЛ.
Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска директно и свесно дозволи и придонесе да ни се одземе целиот наш доверен личен имот во лиценцирана и контролирана банка, покраден во соработка со првотимците од Еуростандард банка предводени од сопственикот и претседател на надзорниот одбор на банката Трифун Костовски. Заедно, оваа организирана криминална група не покраде во целост.
Гревовите на гувернерката Бежоска се големи. Дали гувернерката Бежоска знае што значи да луѓе штедат и се мачат со години за да купат свој дом и оддеднаш сите пари им се одземат во Еуростандард банка поради невиден грабеж на нивни депозити која таа го дозволила? И сега овие луѓе се приморани да го продолжат својот живот под кирија и во агонија бидејќи сите средства им пропаднаа. Што треба овие луѓе да им кажат на своите деца? Како да ги воспитуваат понатаму? Детето што неможе да оди на операција во странство бидејќи парите на неговата мајка се заробени во банката ќе дознае кој е виновен за неговата тешка судбина, но тоа нема да му помогне сега кога најмногу му треба. Во каква мизерна состојба е доведена самохраната мајка која ја изгуби целата своја заштеда во банката заработена со макотрпна и тешка работа во странство, а која сега остана болна на улица со своето малолетно дете и исто така болни и стари родители?
Што да кажат фирмите кои се донесени во очајна состојба? До вчера работеле, а денес се пред пропаст бидејќи сите пари им се одземени во банката и неможат да работат, не се ликвидни, нема плати за вработените, пропаѓаат. Во прашање се околу 2.000 фирми покрадени во масовен толериран грабеж во банката.
Одговорност мора да има за првотимците од Еуростандард банка предводени од Трифун Костовски кои не покрадоа во целост и за гувернерката Бежоска која го дозволи грабежот во банката. За тоа што е сторено се одговара, а парите мора да ни се вратат. Нашите семејства нема да страдаат повеќе. Молчењето и игнорирањето на криминалот нема да помине. Правда мора да има. Во тоа сме уверени и од тоа нема да отстапиме! Гувернерката Бежоска и првотимците од ограбената Еуростандард банка тоа го знаат добро. На нив останува и од нив очекуваме да ни ги вратат парите“, се вели во соопштението од Здружението.