„При пропаѓање на банка, како што тоа се случи со Еуростандард банка, правните лица ги губат веднаш сите пари кои ги имаат на сметки во банката, тековни средства и депозити. Согласно законските одредби во нашата земја, правните лица ниту се обештетуваат ниту се заштитени, додека во исто време законски се обврзани да целиот платен промет го извршуваат единствено и само преку банка. Едноставно кажано, правните лица ги губат сите пари при стечај на банка. Македонија е единствена и уникатна земја на Европскиот континент и пошироко каде правните лица се целосно оштетуваат со закон при затворање на банка. Каква бизнис клима се прави со вакво лошо законско решение и како се стимулира бизнисот и странските инвестиции во нашата земја?“,велат денеска од Здружението на Оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Насоките за поврат на пари при стечај на банка, а кои се добиени по одредени основи, се дефинирани во Директивата 2014/49 за осигурување на депозити на Европскиот парламент и Совет од 16 април 2014 година. Со неа се уредува дека средства на сметки добиени од продажба на недвижност, исплати на надомест за осигурување, инвалидитет или смрт и по низа други основи, се враќаат до 12 месеци од денот на регистрирање на износите. Во Австрија, на пример, загарантираната сума за обештетување за физички и правни лица изнесува до 100.000 евра, додека средствата добиени по горните основи се враќаат до најмногу 500.000 евра по депонент.
Во списокот на доверители на Еуростандард банка има околу 2.000 правни лица кои сега имаат побарувања од стечајната маса. Но, голем дел од нив или поточно околу 1.130 фирми односно 57 отсто имаат и заробени пари на тековни сметки или таканаречени „жирални” пари. Се работи за вкупно околу 5.362.000 евра добиени по разни основи. Има и такви фирми доверители кои добиле уплата на фактури од повисоки суми дури и на самиот ден на затворање на банката и тие средства им се заробени во целост. Очигледно, во други земји таквите средства им се враќаат, делумно или целосно, на клиентите од банката и истите не влегуваат во стечајната маса при пропаѓање на банка.
Тоа очигледно не е случај во Македонија. Доколку сакаме да бидеме усогласени со Европската унија, потребно е да постои и законско решение со кое би требало да се дефинира судбината и заштитата на овие парични средства добиени на тековни сметки по повеќе основи. Министерството за финансии, Народната банка и Фондот за осигурување на депозити имале и имаат задача, меѓу другото, да следат и предлагат законски измени или подобрувања кои би не направиле подобро и поправично општество и во овој дел, а се разбира и во склад со законската регулатива на Европската унија. Но, тоа не го направиле и со тоа не довеле во незавидна состојба и ни предизвикале штета, како за физичките така и за правните лица депоненти на лиценцирана и контролирана банка.
Неодамна, Уставниот суд го укина неуставниот член 163 став 3 од Законот за банки. Со тоа, Фондот за осигурување на депозити не е повеќе доверител во стечајната постапка на Еуростандард банка и законски неможе да наплатува од стечајната маса, а воедно го има изгубено и приоритетот за наплата пред сите други доверители во времето кога Фондот беше доверител. Со месеци реагиравме на овој неуставен член, наведувавме и објаснувавме за нееднаквноста и дискриминацијата, посебно за правните лица депоненти кои не се обештетуваат во стечајната постапка на банка во стечај. И место надлежните институции веднаш да покажат интерес за нашите аргументи, тие се обидоа да влијаат на Уставниот суд да донесе негативна одлука. Нивните аргументи беа дека ако се укинел членот, ќе се нарушела стабилноста на финансискиот систем. Или, со други зборови, тие сакаа со неуставна законска одредба да ја бранат стабилноста на финансискиот систем!? Со укинување на неуставната законска одредба, таа нееднаквност веќе ја нема и за правните лица. Но затоа, остана прашањето зошто горенаведените државни институции навреме не иницирале промена на законските одредби за да бидеме усогласени и хармонизирани со ваквите одредби во државите од Европската унија кон која се стремиме да влеземе!? Не само тоа, туку и за да се усогласи законодавството со Уставот. Наместо да го направат сето тоа уште пред неколку години, тие оставија на нас оштетените граѓани и фирми да се бориме против нешто што е неуставно и крајно штетно, да истото го докажеме преку прифатена и спроведена иницијатива пред Уставниот суд.
Затоа, очекуваното законско решение односно измените и дополнувањата на Законот за банки мора да биде во согласност со Одлуката на Уставниот суд. Воедно, таквото законско решение може да важи и за Еуростандард банка, но во тој случај поради повратното дејство, согласно член 52 од Уставот, тоа законско решение мора да биде поповолно за граѓаните од тоа што е сега. Оттука, единствено издржано правно и реално можно решение за сите тековни стечајни постапки на банки е дефинирање на Фондот за осигурување на депозити како доверител за наплата веднаш после физичките и правни лица доверители, односно во втор наплатен ред. Додека за сите идни случаи на стечаи на банки, од сега по во иднина, очекуваме Министерството за финансии да донесе законски одредби кои ќе бидат во корист на граѓаните и фирмите, притоа, преземајќи и поширок опсег на измени и дополнувања и во други релевантни закони“, велат од Здружението.